Вашата главна работа како тренер е да ги развивате вештините на играчите. Им велам на играчите дека треба да се стремат кон совршенство. Тоа не постои, но е многу добра цел, знаејќи дека можеме да се подобриме. Имав многу добри тренери, Клементе, Антиќ, Тошак. Тренери со личност. Кројф беше поинаков. Почна да ме тера да размислувам зошто ги правам работите како голман и за решенијата што се обидувавме да ги најдеме. Ме натера да почнам да размислувам за одговорите во играта, вели тренерот на Вулверхемптон во интервју за „Скај спорт“, во кое зборува и за „Лед цепелин“, напредокот на Вулверхемптон, купувањето славенички оброци за тимот…

ФУДБАЛ

Во ексклузивно интервју за „Скај спорт“ тренерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Вулверхемптон, Жулен Лопетеги, зборува за „Лед цепелин“, Јохан Кројф и за купувањето славенички оброци за неговиот тим. Токму средбата со потпретседателот на Вулверхемптон, Роберт Плант, го направи доаѓањето на Хулен Лопетеги во тој клуб многу посебно. Лидерот на групата „Лед цепелин“ имаше подарок за новиот тренер.
– Фантастичен спомен со различни дискови. Како дете пораснав со оваа музика, и јас и брат ми. За брат ми тоа беше неверојатен момент. Тој е пет години постар од мене. Во тоа време, кога бев млад, секогаш ја слушав неговата музика дома и секогаш беше „Лед цепелин“. Ја знаеме целата нивна музика – изјави Лопетеги за „Скај спорт“.
Лопетеги се присети и на нивното шоу што го гледал во САД.
– Во Њујорк, во „Медисон сквер гарден“ – рече Лопетеги.
Тоа се поинакви моменти од тренер што инаку е фокусиран на задачата да го задржи Вулверхемптон во Премиер-лигата. Клубот беше на дното на табелата на Божиќ, со најслаби стрелци во англискиот фудбал. Сега тие се целосно надвор од зоната за испаѓање.
Зборувајќи во својата канцеларија во клупскиот тренинг-центар, тој внимаваше да ја избрише тактичката формација од таблата. Подоцна, откако ја виде прес-конференцијата на тренерот на Фулам, Марко Силва (двата тима во саботата во меѓусебен дуел ремизираа, 1-1), тој направи белешка. Лопетеги е, како што рече новото засилување Крег Досон во своето интервју за „Скај спорт“, тренер со многу детали. Фудбалот е негова страст и интересно е објаснувањето за неговата одлука да се занимава со тренерство.
– Мислам дека кога си играч, единствениот начин да продолжиш да го чувствуваш истиот адреналин е да станеш тренер. Но главната причина е што јас сум заинтересиран за играчите. И работата на тренерот никогаш не запира. Утре, сигурно, ќе научите нешто ново за вашата работа. Ова е една од возбудливите работи за оваа професија, бидејќи секојдневно има нови информации за учење. Тоа е она што го прави толку интересно – вели тој.
Тој интерес прво се разгоре за време на неговата играчка кариера. Влијанијата врз него вклучуваат некои од најголемите имиња во шпанскиот фудбал, како што може да се очекува од некој што играл за Реал Мадрид и за Барселона, како и некој што бил дел од репрезентацијата на Шпанија на светско првенство.

– Можеби имав среќа затоа што имав многу добри тренери. Хавиер Клементе, Радомир Антиќ, Џон Тошак. Тренери со личност. Понекогаш имате повеќе чувство со еден тренер отколку со друг, но на крајот ќе бидете под влијание од сите нив – рече Лопетеги.
Под влијание од сите, но сменет од еден од нив. Тоа беше неговиот прв тренер во Барселона, кој му го отвори умот. Човекот по име Јохан Кројф.
– Јохан беше поинаков. Почна да ме тера да размислувам зошто ги правам работите како голман и за решенијата што се обидувавме да ги најдеме. Ме натера да почнам да размислувам за одговорите во играта. Тој имаше свој начин на управување со луѓето – објаснува Лопетеги.
Можете да изброите на една рака голмани што станале менаџери во Премиер-лигата, но Лопетеги е еден од оние што сакаа повеќе.
– Ќе беше удобно да останам како тренер на голманите. Тоа ќе беше удобен живот – вели тој.
Немаше ништо удобно во ситуацијата што ја наследи во Вулверхемптон, но расположението веќе е поинакво. Верувањето дека Лопетеги може да направи пресврт набрзо се засили со победата над Евертон во неговиот прв меч во Премиер-лигата.
– Вашата главна работа како тренер е да ги развивате вештините на играчите. Сакаме да бидеме силен тим во сите фази. Цело време им велам на играчите дека треба да се стремат кон совршенство. Тоа не постои, но е многу добра цел, знаејќи дека можеме да се подобриме. Понекогаш ќе победиме, понекогаш ќе загубиме, но треба да влегувате секој ден со голема енергија за да се подобрите. Се обидувам да му дадам верба на тимот, да му покажам дека може да се натпреварува со која било екипа во Премиер-лигата, истовремено знаејќи дека секој тим може да те победи – вели тој.
Лопетеги се обидува да влее верба кај група играчи чија самодоверба беше разнишана. Последниот гол во Премиер-лигата на напаѓач на Вулверхемптон беше постигнат пред речиси една година. Лопетеги нагласува дека одговорноста на сите е да се постигне гол, но знае дека тоа мора да се промени.
Подобрувањето на одбраната помогна. Севилја на Лопетеги прими најмалку голови од која било екипа во шпанската Ла лига во минатата сезона и Вулверхемптон веќе изгледа поорганизирано. Можеби постигнаа само десет погодока на девет натпревари откако тој пристигна, но прими помалку.

– Фудбалот е фаза на одбрана и фаза на напад ако сакате да победите. Без двете, тоа е невозможно. Затоа е важна празната мрежа. Да не се прими гол овозможува да го победите противникот само во еден момент – вели тој.
Потпишувањето на Досон помогна?
– Точно. Тој е тука со добар став, искусен играч што сигурно ни помага – се согласува Лопетеги.
Досон беше дел од мечот без примен гол на Вулверхемптон со Ливерпул на своето деби, достигнување што беше наградено со оброк во Бирмингем, платен од главниот тренер. Ќе стане традиција ако Вулверхемптон успее да има повеќе мечеви без примен гол сезонава.
– Тоа е добра инвестиција. Би сакал да платам повеќе – вели Лопетеги.
Тој ја доби наклонетоста на публиката, која брзо почна да пее за супер Лопетеги. Но не очекувајте некакви прослави со тупаница пред трибината.
– Благодарен сум на љубовта на гледачите. Но фудбалот е за играчите. Тие се главните актери. Ние сме, сите ние, персоналот, целиот клуб, тука да им помогнеме да се развиваат на најдобар начин. Но тие се оние што се борат за клубот на теренот. Мораме да останеме чекор зад тимот. Секогаш. Тимот е тој што треба да ја почувствува поддршката од публиката, бидејќи ќе биде клучна сезонава – вели Лопетеги. Н.М.