Спортистка на годината е спринтерката од Јамајка, Шели-Ен Фрејзер-Прајс, додека екипната награда ја освои машката фудбалска репрезентација на Аргентина

ДОДЕЛЕНИ СПОРТСКИТЕ НАГРАДИ „ЛАУРЕУС“

Аргентинскиот фудбалер и капитен на репрезентацијата на Аргентина, Лионел Меси, кој патем ја освои и „златната топка“ минатата година, е добитник на престижната награда „лауреус“ за најдобар спортист во светот во 2022 година. Најдобриот светски фудбалер го доби ова признание по третпат во кариерата, а стана и првиот спортист што доби и екипно признание во иста година, оти за екипа на годината беше прогласена аргентинската фудбалска репрезентација што токму тој ја предводеше до третата светска титула во Катар во декември 2022 година.
– Ова е голема чест за мене. Особено што светските спортски награди „лауреус“ годинава се доделуваа во Париз, градот што го пречека моето семејство откако дојдовме во 2021 година. Сакам да им се заблагодарам на сите мои соиграчи, не само од репрезентацијата туку и од клубот ПСЖ. Ништо од ова не постигнав сам и среќен сум што можам сѐ да поделам со нив – изјави Меси (35), пишува Би-би-си.
За спортистка на годината, пак, е прогласена спринтерката од Јамајка, Шели-Ен Фрејзер-Прајс. Таа победи на 100 метри на СП во атлетика во Орегон, станувајќи прва атлетичарка што освоила пет поединечни злата на СП. Фрејзер-Прајс (36) освои злато на 100 метри на СП лани, 13 години по нејзиното прво злато, а има и повеќе светски медали во спринт од која било друга атлетичарка. Таа во 2022 година дури седум пати истрчала 100 метри под 10,7 секунди, трипати повеќе од претходниот најдобар резултат за спринтерка во една календарска година.

– Бев воодушевена што бев номинирана покрај толку инспиративни спортистки, а да се освои оваа награда, за која гласаа некои од најголемите спортисти и спортистки на сите времиња, за мене е просто неверојатно. Ова е шести пат како сум номинирана во оваа категорија, така што конечно да се има оваа статуетката во раце е една од најголемите почести во мојата кариера – задоволно изјави Фрејзер-Прајс, пренесува Би-би-си.
Аргентина стана светски првак во фудбал по третпат во својата историја, победувајќи ја Франција во пенал-рулетот во Доха, по можеби најдоброто финале на сите времиња, кое заврши нерешено 3-3 во регуларниот тек.
Фудбалерот од средниот ред на Манчестер јунајтед, Данецот Кристијан Ериксен, ја доби наградата за успешно враќање во фудбалот откако колабира на теренот за време на ЕП 2020 година, а шпанскиот тенисер Карлос Алкараз беше прогласен за спортист со најголем напредок, откако на 19 години триумфира на САД опен. Швајцарската Катерин Дебрунер е најдобра атлетичарка со телесен инвалидитет, додека полскиот фудбалер Роберт Лвандовски и ФК Барселона добија награди за проектот за помош на деца раселени поради војна. Во изборот гласаа спортски великани што ја сочинуваат академијата „Лауреус“. Г.И.