По само седум месеци, ако почнам да зборувам за освојување на Премиер-лигата и на ЛШ и на овој или оној трофеј би било дрско и арогантно, но од моето искуство чувствувам дека почнавме добар пат и мора да продолжиме да ја следиме оваа патека. Потребни се време и трпение за тимот и клубот да растат и да бидат конкурентни во секоја сезона, вели Конте
ФУДБАЛ
Антонио Конте верува дека чувството на исчекување околу Тотенхем е оправдано, со оглед на нивната активност со фудбалските трансфери летово, и тој сака навивачите да сонуваат за големи нешта. Тотенхем го победи Саутемптон во саботата, во првото коло во новата сезона на Премиер-лигата. Во клубот пристигнаа Иван Перишиќ, Фрејзер Форстер, Ив Бисума, Ричарлисон и Џед Спенс, а Клемент Ленглет се приклучи на заем од Барселона. Чувството е дека преодниот рок за Тотенхем не е завршен таму и тоа ги крева очекувањата, пишува британскиот дневен весник „Индепендент“.
– Морам да бидам реален, но јас сум сонувач. Треба да бидеме сонувачи, бидејќи ако сте сонувачи, тогаш тоа, заедно со работата, може да ви донесе нешто неверојатно. Во минатото тоа се случило многупати, но, во исто време, треба да се биде реален. Добро е нашите навивачи да бидат возбудени, ако видат дека одиме во вистинската насока со добра визија, дека клубот е целосно вклучен во овој проект. Од овие причини мора да бидат возбудени – рече Конте.
Може да се направат паралели помеѓу чувствата на Конте и ставот на Бил Николсон, менаџер на Тотенхем кога последен пат клубот беше англиски шампиони во 1961 година. Николсон своевремено изјави: „Подобро е да не успееш кога целиш високо отколку да успееш со ниски цели. Во Тотенхем ги поставивме нашите цели многу високо, така што дури и неуспехот ќе има ехо на слава“, пишува „Индепендент“.
– По само седум месеци, ако почнам да зборувам за освојување на Премиер-лигата и на Лигата на шампионите и на овој или оној трофеј би било дрско и арогантно, но од моето искуство чувствувам дека почнавме добар пат и мора да продолжиме да ја следиме оваа патека. Потребни се време и трпение за тимот и клубот да растат и да бидат конкурентни во секоја сезона и да се бориме да освоиме нешто, но мора да се бориме да дадеме сѐ од себе за да освоиме нешто и потоа ќе видиме – вели Конте.