Во мечот во Будимпешта се среќаваат Севилја, најтрофејната екипа во Лига Европа, која победи во сите шест финалиња во тоа натпреварување, и Рома на тренерот Жозе Мурињо, кој, пак, победи во петте досегашни европски финалиња (по две во Лигата на шампионите и во Лига Европа и еднаш во Конференциската лига). Тимот што ќе го освои трофејот на Лига Европа сезонава ќе игра во групната фаза на Лигата на шампионите во идната сезона

ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА ФИНАЛЕ НА ЛИГА ЕВРОПА

Севилја се среќава со Рома во финалето на фудбалската Лига Европа во Будимпешта на арената „Пушкаш“, вечерва (21 часот), во меч во кој ќе играат шесткратниот победник на Лига Европа и минатосезонскиот победник на првата сезона на Конференциската лига.
Најуспешната екипа во историјата на ова натпреварување, Севилја, има можност седми пат да го освои трофејот. Под водство на нивниот трет тренер сезонава, Хозе Луис Мендилибар, тие опстанаа во домашната лига и ги елиминираа Манчестер јунајтед и Јувентус на патот кон финалето во Будимпешта. Рома, пак, имаше помалку напорна сезона на домашен терен, но повторно уживаше во четврточните вечери во Лига Европа. Откако ја водеше својата екипа до инаугуративната титула на Конференциската лига во минатата сезона, Жозе Мурињо сега може да биде првиот тренер што го освоил ова натпреварување со три различни тима, откако го направи тоа претходно со Порто (2003 година) и со Манчестер јунајтед (2017 година), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Односот на Севилја во ова натпреварување беше неверојатно наградувачки. Откако го освоија трофејот првпат во 2006 година, тие освоија уште пет изданија, вкупно шест, што ги прави убедливо најуспешен клуб во историјата на турнирот. Згора, Севилја има 100-отстотен ефект во финалињата во ова натпреварување (вклучувајќи две победи по изведувањето пенали).
Севилја во финалињата ги победи Мидлсбро (4-0 во 2006 година), Еспањол (2-2, 3-1 на пенали, 2007 г.), Бенфика (0-0, 4-2 на пенали, 2014 година), Днипро (3-2, 2015-та), Ливерпул (3-1, 2016 година) и Интер (3-1, 2020 година).
Хесус Навас (37) е човек што знае што е потребно за да се освои Лига Европа. Крилниот бек веќе трипати го освои трофејот со неговиот роден клуб Севилја и ќе се стреми да го освои четвртиот.
– Навистина се радувам на уште една одлична и прекрасна можност. Имаме многу тежок противник и ќе биде тежок натпревар. Се надевам дека ќе победиме и дека ќе уживаме во можноста. Ние се трансформираме во мечевите во Лига Европа и неверојатно е како излегуваме на секој натпревар. Тоа е натпреварување што ни даде многу, а радоста што ни ја дава секогаш кога учествуваме во него нѐ тера да одиме што подалеку – вели Навас, пренесува УЕФА.

Ако педигрето на турнирите на Севилја е беспрекорно, европскиот успех би претставувал извонреден исход за сезонава, во која флертуваа со испаѓање од домашната Лига и имаа тројца тренери, а 62-годишниот Хозе Луис Мендилибар конечно ги стабилизира и ги упати кон Будимпешта, пишува УЕФА.
– Нашата цел беше да дадеме сѐ од себе во ова натпреварување и сѐ оди добро, елиминиравме две големи екипи во Манчестер јунајтед и Јувентус и ќе се претставиме во Будимпешта против уште еден голем тим и уште еден одличен тренер. Луѓето не очекуваа дека ќе направиме вакво нешто, но го постигнавме тоа – рече Мендилибар.
Мурињо со своите тимови настапи во пет големи европски финалиња и победи во сите. Тој ја освои Лигата на шампионите со Порто (3-0 со Монако во 2004 година) и со Интер (2-0 со Баерн 2010 година), а минатата сезона стана првиот тренер што го комплетира целосниот сет на актуелните големи клупски трофеи на УЕФА кога ја одведе Рома до инаугуративната титула на Конференциската лига (1-0 со Феенорд). Оваа сезона, неговата мисија е да стане првиот тренер што го освоил трофејот на Лига Европа со три клуба, откако го освои со Порто (3-2 со Селтик во 2003 година) и со Манчестер јунајтед (2-0 со Ајакс во 2017 година).
– Не размислувам премногу за тоа што се случи претходно. Тешките моменти со тие чувства, исто така, не ги забораваш, но се навикнуваш да живееш со нив. И секогаш се радувам. Можеби тоа е мојата тајна или мојата филозофија да сум во фудбалот толку многу години, така што ова финале за мене е ново финале. Не мислам на Порто од 2003 година, не мислам на Рома од минатата сезона. Размислувам само за ова финале. Тоа е мојот начин на постоење. Историјата воопшто не победува на натпревари. Гледате финалиња на Реал Мадрид и мислите дека Реал Мадрид победува во секое финале. Гледате во Севилја и велите Севилја победува во секое финале.

Но реалноста е дека историјата не победува натпревари. Суеверието е нешто што не ми се допаѓа, па затоа на тоа не гледам ниту како фактор. Тоа е ново финале. Тоа е нова историја. Имаат искуство да се биде таму. Имаме искуство затоа што бевме во европско финале во минатата сезона. Значи нема проблеми, само сакам да ја играм играта. Дали знам дека би можел да станам првиот тренер што го освоил ова натпреварување со три екипи? Навистина не ми е гајле. Ние работиме за навивачите. Во овој момент од мојата кариера мислам на среќата што можеме да им ја дадеме на овие луѓе. Да се биде во ова финале е нешто што никој не би го очекувал во почетокот на сезоната кога ќе се види неверојатниот квалитет на тимовите во Лига Европа. Барселона и Арсенал беа во ова натпреварување и беа исфрлени многу рано. За Рома да биде во ова финале значи многу. Затоа, да се обидеме да им ја дадеме на навивачите најголемата среќа – вели Мурињо, пренесе УЕФА.
Севилја и Рома имаат значително искуство во ова натпреварување, само Вилјареал со 88 меча одигра повеќе натпревари во Лига Европа од Севилја, која има 80, а Рома настапи на 58. Нивните патишта се вкрстиле само еднаш претходно, кога победи Севилја во осминафиналето (одиграно преку еден меч на неутрален терен во Дисбург за време на сезоната 2019/2020 нарушена од пандемијата на ковид-19).
Трофејот на Лига Европа е висок 65 сантиметри и тежок 15 килограми. Сребрениот куп на плоча од жолт мермер, дизајниран е и изработен од работилницата „Бертони“ во Милано. Победникот на Лига Европа сезонава добива место во групната фаза на Лигата на шампионите за идната сезона. Н.М.