Германската компанија „Невро11“ работи со играчите на Ливерпул на менталната подготовка, на „тренинг за прецизност“, кој им помага на играчите да се фокусираат при прекините на играта (Ливерпул сезонава постигна најмногу погодоци од прекини во Премиер-лигата и во ЛШ, а беше беспрекорен со 11 пенали во победата неодамна против Челси). „Тоа е многу интересно, ново поглавје за нас. Тие се невролози, фиксен дел од нашиот тренерски штаб, сѐ мерат, многу е интересно и неверојатно важно за нас“, вели Клоп

ФУДБАЛ

Прифаќајќи нови идеи и користејќи специјалистички, научни знаења, Јирген Клоп (54), менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул создаде култура на постојан напредок и подобрување. „Црвените“ минатата недела го освоија Лига-купот, по што најдобро се виде дека апетитот на Клоп за натпреварување и за победување не треба воопшто да се доведува во прашање. Менаџерите често се попретпазливи при изјавите, вклучувајќи го и Клоп, но тој по победата над Челси на пенали рече дека, со малку среќа и со континуирана напорна работа, рекордниот деветти триумф на Ливерпул во Лига-купот би можел да биде „почеток“ во сезоната во која постојат можности за триумф во Лигата на шампионите (ЛШ), во Премиер-лигата и во ФА-купот.
Предвременото испаѓање од Лига-купот во претходните сезони Клоп го објаснуваше со тоа дека морал „да ги регрупира силите и да ги искористи последните неколку момци што ги имал на располагање“ по консултациите со медицинскиот дел на клубот. Сега со поголеми ресурси тој го освои трофејот.
Клоп беше еуфоричен во прославата на „Вембли“ и педантен во подготовките. Финалето беше без голови, но, сепак, привлечно, одлучуваа нијанси, при што уште еднаш до израз дојдоа отвореноста на менаџерот на Ливерпул за свежи идеи и подготвеноста да ги прифати советите и знаењата од специјалистите. За време на продолжената претсезона минатото лето, Клоп покани германска компанија за неврологија наречена „Невро11“ да работи со неговите играчи на менталната подготовка. Нивните студии се однесуваат на „тренинг за прецизност“, кој им помага на играчите да се фокусираат при прекините на играта, на слободните удари, корнерите итн. Ливерпул сезонава постигна најмногу погодоци од прекини, во Премиер-лигата и во Лигата на шампионите, а беше беспрекорен со 11 пенали во победата против Челси.

– Тоа е многу интересно, ново поглавје за нас, бидејќи не станува збор само за пеналите, иако тие сега се актуелни. Тие се невролози, сѐ мерат, многу е интересно и неверојатно важно за нас. Се работи на тоа да се доведат одредени играчи во правилен начин на размислување при прекините на играта. Станува збор и за довербата што им ја дадоа на момците дека навистина можат да го направат тоа – вели Клоп.
Д-р Никлас Хауслер и Патрик Хантшке, основачите на „Невро11“, минатата недела ја поминаа во тренинг-центарот на Ливерпул повторно работејќи со играчите на Клоп. Менаџерот на Ливерпул во интервјуто за клупскиот ТВ-канал ги пофали двајцата, кои беа присутни на стадионот „Вембли“ на финалето на Лига-купот.
– Имав чувство дека го заслуживме сето тоа, Келехер особено, но удел имаше и „Невро11“. Тие се фиксен дел од нашиот тренерски штаб. Не се тука цело време, во Германија се, но доста често доаѓаат. Тие тренираа со момците на слободните удари претходните неколку недели и секој играч помина низ соодветна вежба, психолошка, поврзана со корнери и со слободни удари. Но и со пенали. Имавме список. Прво беа пет, потоа шест, седум, осум изведувачи. Но некои од играчите повеќе не беа на теренот. Од осум па натаму не беа ни блиску на листата, па затоа беше многу возбудливо. Комплименти за момците, комплименти за „Невро11“, тие завршија неверојатна работа – изјави Клоп.