Лазов беше познат меѓу љубителите на фудбалот како голман што мајсторски ги скротуваше високонафрлените топки. Целата своја кариера ја мина во скопска Автокоманда, бранејќи ги боитe на еден клуб со три имиња, Индустријалец, МИК и на крајот Скопје. Седум пати настапи и за аматерската репрезентација на поранешна Југославија
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (245)
Низ скопска Автокоманда продефилираа многу фудбалер,и благодарение на Индустријалец, првиот клуб формиран во познатата скопска населба. Еден од оние што долго ќе се паметат е секако голманот Кирил Лазов-Кирка. Тој како младо момче, кон крајот на 50-тите години од минатиот век, дојде од Неготино во Скопје да учи занает за металската струка. Како и за многу други деца, така и за него тогашниот гигант „Металски завод – Тито“ ширум ги отвори вратите. На тој начин се згрижуваа децата што доаѓаа од другите градови за да се обучат, а потоа и вработат во некој од секторите во металската индустрија и да си обезбедат егзистенција. Така, уште од млади години тие се стекнуваа со искуство со кое подоцна можеа да чекорат низ животот.
– Дојдов од Неготино и бев едно од многуте момчиња што почнаа да се обучуваат во „МЗТ-Скопје“. Брзо се адаптирав на новата средина, за што голема заслуга имаа браќата Андоновски. Тие живееја во Автокоманда, која беше позната како „егејска“ населба, оти голем дел од семејствата што потекнуваа од Егејскиот дел на Македонија, кога се враќаа во татковината, се вгнездуваа таму. Јас, пак, бидејќи оваа населба е најблиска до МЗТ, каде што требаше да учам занает, барајќи каде да се сместам, „налетав“ на двајцата браќа Томе и Бранко, кои беа познати фудбалери на Индустријалец и станав нивни потстанар. Тие секојдневно тренираа на фудбалското игралиште, кое тогаш се наоѓаше на местото од сегашната сала во Автокоманда, а јас постојано одев да ги гледам за да ми мине времето. Еден ден им недостигаше голман, па за да не стојам залудно покрај теренот, ми рекоа да застанам на голот и да бранам. И што се случи? Не само што спасив неколку топки, туку како „мачка“ се фрлав на сите страни. Сите зачудено ме гледаа и просто не веруваа оти првпат бев во улога на голман – се присетува Кирил на своите почетоци.
ПОМОШ ОД КИПРОВСКИ И ОД ДОНЕВСКИ
За среќа на Лазов, во тие моменти покрај теренот бил и тренерот Ацо Чапаев, низ чии раце минаа десетици фудбалери. Тој, впрочем како и другите, бил изненаден од голманските егзибиции на Кирка и не можел да поверува во она што го видел. Покрај тоа, младиот неготинец со својот физикус и височината ги имал сите предиспозиции да се развие во добар голман. Истиот ден тој веќе се нашол во „фудбалско јато“ на искусниот Чапаев.
– Ми беше чудно што сѐ се случи некако набрзина. Не верував дека во мене се криеле такви голмански квалитети, па не сакав да ја испуштам шансата и ја прифатив понудата да одам во Индустријалец. Почнав да тренирам со првиот тим, а постариот од браќата Анчевски, кога ме виде беше изненаден, како да сакаше да каже што сте го зеле ова „дете“, па дури не ми даваше и дресот да го облечам. Но, со време, тој омекна и виде дека кај мене се кријат голмански квалитети и само по неколку тренинзи го смени неговиот однос кон мене. Потоа тој стана мојот најголем поддржувач, кој ме храбреше и ми велеше само така да продолжам – вели Лазов.
Лазов беше меѓу најмладите во Индустријалец, но веднаш застана на голот и бранеше во градската лига, за подоцна клубот да заигра и во квалитетниот Скопски потсојуз. Што се однесува до финансискиот аспект, во тоа време многу му помогнале луѓето што цел живот беа врзани со клубот од Автокоманда, а тоа беа Ѓоко Доневски и Алексо Кипровски.
– Гледајќи дека материјално слабо стојам, тие преку клубот ме помагаа финансиски така што не морав да се грижам за храна и за стан. Во тоа време ние, фудбалерите што бевме дојдени од внатрешноста, немавме некои посебни побарувања. Бевме задоволни и со она минималното што го добивавме и гледавме само да ги оправдаме очекувањата – вели Лазов.
ПОТСОЈУЗОТ ШАНСА ЗА ДОКАЖУВАЊЕ
Откако мина во повисок ранг на натпревари, кон Индустријалец почна да се гледа со поинакви очи. Во Скопскиот потсојуз имаше посилни противници, а што е многу интересно се играше и пред голем број гледачи.
– Повеќе не ни беа противници Маџари, Единство, Драчево и Лепенец, туку сега се среќававме со тимови што имаа и солидни спонзори, како Славија (Макпрофил), Балкан, Слога, Локомотива, Графичар и Градител. Сите тие во своите редови имаа по неколку квалитетни поединци, така што и мечевите беа многу поинтересни. Нека не ве чуди ако кажам дека на некои натпревари имаше и повеќе од 2.000 гледачи! Тоа беше време кога поафирмираните клубови, како Вардар, кој секогаш беше водечки, потоа Работнички, кој беше константен, и Металец, кој имаше неколку одлични поединци, црпеа играчи од помалите клубови. Така и јас имав шанса и понуда дури и од Хуго Рушевљанин да одам во Вардар, но некако не можев да се разделам од Автокоманда – коментира Кирил.
Потсојузот беше шанса за докажување, но истовремено преку него можеше да се стигне и во повисок ранг на натпревари. Така, Индустријалец, низ кој во меѓувреме минаа многу тренери, квалитетно се издигнуваше и следна цел на Лазов му беше Македонската лига.
– Од тренерите во моето време, работев со легендата на Вардар, Васко Кокиновски-Макара, потоа со Богоевски-Гајда, Дончо Бојаџиевски-Грк, Урош Петровски, уште една легенда на Вардар, Тодор Балевски и Јово Никушев. Сите тие имаа голем придонес за развојот на фудбалот во Скопје и Македонија – потенцира Лазов.
Покрај тренерите што оставија голем печат во Индустријалец, кој, пак, во меѓувреме по фузијата со Металец го смени името во МИК, имаше и одлични фудбалери.
– Во ерата на нашиот подем се врати Зигоманов, одлично играше Љ. Николиќ, потоа дојдоа и Бошалевски, Узунов, а од Автокоманда, како нејзин производ беа Палиќ и браќата Натеви. Пред нив сиот товар го носеа Јоти Корошевски, кој беше многу интелигентен играч, потоа браќата Анчевски и Ширилов, кој неколку години беше најефикасниот играч на тимот. Тој не беше физички многу силен, ама знаеше да ги „измеша“ противничките одбрани и да постигне гол. Тој стана легенда на фудбалска Автокоманда – појаснува Кирил.
ПЛАСМАН ВО МФЛ, ПОТОА И ВО ВТОРАТА ЛИГА
По неколку неуспешни обиди и порази во „мајсторките“ за влез во Македонската лига, конечно во 1966 година МИК стана член на елитното друштво. Овој успех донесе голема радост не само за фудбалска туку за цела Автокоманда.
– По поразите во решавачките квалификациски дуели со Гостивар, КСК и Југохром, конечно и ние влеговме во најквалитетната лига во Македонија. За овој успех се заслужни сите играчи, но и тренерите што работеа во годините на созревањето на тимот, Јово Никушев, Тодор Балевски и Урош Петровски, со кои четири години подоцна станавме и шампиони на Македонија и игравме квалификации за влез во Втора лига-Исток. И тука успеавме, но тоа е посебна приказна за себе. Со тој квалификациски дуел против екипата на Влазними од Ѓаковица се врзани многу спомени – продолжи Лазов.
Македонската фудбалска јавност со нетрпение го очекуваше дуелот, кој требаше да даде одговор на прашањето дали Македонија ќе добие уште еден второлигаш.
– Сите бевме подготвени за големата фудбалска пресметка. Ако успееме, тоа ќе биде супер резултат за една генерација, која за да стигне до оваа шанса потроши многу време и пролеа многу капки пот. Во првата средба. пред 10.000 гледачи. тргнавме некако резервирано. Не ја знаевме силата на противникот и моравме да бидеме внимателни. Но, како што минуваше времето, станувавме сѐ посигурни. Торбаков, кој беше во голема форма, во првото полувреме даде два, а во второто уште еден гол, па, така, со предност од три гола отпатувавме на реванш-мечот. Таму, пак, го издржавме притисокот што доаѓаше од трибините, а и од домашните играчи. Одигравме машки и победивме со 2-0, со головите на Палиќ и Торбаков. Славјето за успехот и влегувањето во Втората лига се пренесе доцна во ноќта и во Автокоманда. Дома бевме пречекани како вистински херои. Сето тоа доживување и денес ги буди моите емоции, а она што се случуваше подоцна не може да се опише со зборови. Накратко ќе кажам дека тоа беше најлудата ноќ во Автокоманда – со емоции се присетува Лазов на тоа победничко време и славење.
За натамошниот тек од фудбалскиот живот на голманот Кирил Лазов-Кирка ќе читате идната недела. Тогаш ќе ја опишам и неговата репрезентативна кариера, како член на аматерската репрезентација на Југославија.
(продолжува)
Кирил Лазов-Кирка
Роден: 1943 година во Џидимирци (Криволак)
Кариера: Член на еден клуб со три променети имиња, Индустријалец, МИК и Скопје, аматерската репрезентација на Македонија и на поранешна Југославија
Успеси: Шампион на Македонија и влез во Втора лига-Исток, седум настапи за аматерската репрезентација на поранешна Југославија