Системот на владините тела (ГБЕ) ги спречува англиските клубови да потпишуваат со странски играчи додека не наполнат 18 години. Но Мастерс, и покрај тоа што призна дека е воведен во обид да се зголеми бројот на играчи од Англија во Премиер-лигата, инсистираше на тоа дека прописите значат дека клубовите биле принудени да плаќаат премија за да ги ангажираат најдобрите ѕвезди во подем

ФУДБАЛ

Извршниот директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, верува дека визниот систем воведен од Фудбалската асоцијација на Англија по брегзит придонел за рекордните 815 милиони фунти потрошени од клубовите од Премиер-лигата за време на јануарскиот преоден рок и побара тој да се измени, пишува британски „Гардијан“.
Системот на владините тела (ГБЕ), заснован на поени, а кој стапи во сила на 1 јануари во 2021 година, ги спречува англиските фудбалски клубови да потпишуваат договори со странски фудбалери додека тие не наполнат 18 години.
Но Мастерс, и покрај тоа што призна дека системот е воведен во обид да се зголеми бројот на фудбалери од Англија што играат во Премиер-лигата, инсистираше на тоа дека прописите значат дека клубовите биле принудени да плаќаат премија за да ги ангажираат најдобрите ѕвезди во подем.
– Мислиме дека му треба малку дотерување, бидејќи тоа е многу затегнат систем, кој е многу построг од другите спортови во оваа земја. Иако сме целосно посветени на развивање млади домашни фудбалери и сакаме Герет Саутгејт да биде успешен, кога имате ограничена понуда на играчи и имате многу побарувачка, тогаш тоа е малку инфлаторно. Тоа секако не е единствената причина зошто се соборуваат многу рекорди во преодниот рок во Премиер-лигата, но тоа е фактор што придонесува. Генериравме заработена предност во однос на нашите европски конкуренти и голем дел од таа заработена предност оди кај оние европски конкуренти за трансфер-такси за играчи што повеќе не можеме да ги купиме на помлада возраст. Тоа е делумно поврзано со системот ГБЕ – рече Мастерс на Самитот за бизнис на фудбалот на „Фајнаншел тајмс“, пренесе „Гардијан“.
Расходите на Челси од повеќе од 300 милиони фунти за фудбалери во преодниот рок во јануари го удвоија претходниот рекорд и ги зголемија нивните трошоци на повеќе од 600 милиони фунти. Мастерс навести дека англиската фудбалска Премиер-лига ќе внимава да се осигури дека тие се придржуваат до регулативите за финансиски ферплеј, но очекуваат дека ќе бараат да ги балансираат книгите со продажба на фудбалери во текот на летото.
– Новите сопственици го поседуваат клубот помалку од една година. Тие имаа два преодни рока. Треба да оценувате фудбалски клуб по три или четири години. Можеби купиле, но веројатно би рекле дека имаат поинаква трансфер-политика од претходниот систем, со помлади играчи, подолги договори и помали плати. Според нашите правила, тоа е тест за период од 12 месеци, па прашањето е дали тие ќе продадат некои од своите постојни фудбалери во следниот преоден рок. Не сум тука да ги бранам, но треба да ги оценувате овие работи во одреден временски период – рече тој. Н.М.