Финалистите на ЛЕ, Рома и Севилја, во домашните првенства не се на местата на табелите што обезбедуваат директно место во ЛШ, па пласман во елитното европско клупско натпреварување може да обезбедат само со победа во ЛЕ, задутре. Во ЛШ од Италија и од Шпанија ќе играат по четири екипи, како и победникот на ЛЕ. Пет тима во една сезона во ЛШ од една земја имаше неколкупати во претходните 10 години, и тоа од Шпанија, Германија, Англија…
ФУДБАЛ
Италија или Шпанија ќе имаат по пет тима во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) во идната сезона. Покрај стандардните четири тима од тие првенства, првопласираните четири на табелата во домашните шампионати, во елитното континентално натпреварување ќе настапи и петти тим, и тоа победникот на Лига Европа (ЛЕ), Рома (Италија) или Севилја (Шпанија).
Од Италија во Лигата на шампионите веќе се пласирани Наполи, Интер и Лацио, а за четвртото место во трка беа Милан и Аталанта (Милан синоќа играше со Јувентус и со освоен бод би обезбедил настап во Лигата на шампионите). Рома сега е шеста и со едно коло до крајот на сезоната во првенството на Италија, во Лигата на шампионите може да се пласира само со триумф во Лига Европа.
И во Шпанија до саботата беа познати три тима што ќе настапат во идната сезона на Лигата на шампионите, а тоа се Барселона, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид. За четвртото место, на две кола пред крајот на сезоната, во конкуренција се Сосиедад и Вилјареал. Севилја е на десеттото место и пласман во Лигата на шампионите за следната сезона може да обезбеди само ако го освои трофејот во Лига Европа.
Четири екипи во Лигата на шампионите идната сезона ќе имаат и Англија и Германија, и тоа Манчестер сити, Арсенал, Њукасл и Манчестер јунајтед од Англија, односно Баерн, Борусија Дортмунд, Лајпциг и дебитантот Унион Берлин. Два сигурни тима ќе има Франција, и тоа ПСЖ и Ленс, а Марсеј ќе настапи во квалификациите. Три екипи може да има и Португалија, откако покрај сигурните Бенфика и Порто, во квалификациите ќе игра Брага.
Пет тима во една сезона во Лигата на шампионите од една земја имаше неколкупати во претходните 10 сезони. Така, лани пет екипи имаше Германија (Баерн, Борусија Дортмунд, Лајпциг и Баер, како и Ајнтрахт, кој победи во Лига Европа), Шпанија имаше пет тима во сезоната 2021/2022 (Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Севилја и Вилјареал) и во сезоната 2015/2016 (Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Севилја и Валенсија), Англија во сезоната 2017/2018 (Челси, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Ливерпул)…
Според правилата, една земја може да има најмногу пет тима во ЛШ само ако победникот на Лига Европа не е на местата на табелата во домашното првенство што носат директен пласман во групната фаза на ЛШ, токму како што сезонава е случај со Рома, победникот на Конференциската лига лани, и со Севилја, најтрофејниот тим во Лига Европа, со шест триумфи. Г.М.