Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди, трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини. На оваа необична фудбалска листа е и, на пример, уште еден трофеен фудбалер, плејмејкерот Ијан Боер (71), двократен европски клупски првак со Нотингем форест, победник во некогашниот КПК со Манчестер сити, кој во клупската кариера одигра над 600 меча и постигна повеќе од 100 гола

ТРОФЕЈНИ ЛЕГЕНДАРНИ ФУДБАЛЕРИ БЕЗ НАСТАП ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (6)

Многу фудбалери сезонава ќе играат за освојување на големиот трофеј во Лигата на шампионите, повеќе од нив веќе го освоиле барем еднаш, некои ќе играат и за рекорден шести таков пехар, а многумина од нив имаат и трофеи или значајни успеси со своите репрезентации. Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите и со сосема поинаков систем на натпревари, но, секако, натпреварување за европската клупска титула) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди и трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини.
Меѓу нив има, на пример, и трикратни европски прваци, но и други фудбалери, кои биле клупски шампиони на Европа и на светот, најдобри стрелци во некои од најсилните домашни фудбалски првенства во Европа, младински континентални прваци со соодветните репрезентации… Во претходните неколку продолженија ви ги претставивме голманот Хенц Стај (78) од Холандија и одбранбениот фудбалер Хорст Бланкенбург (75) од Германија, двоецот од славните денови во 1970-тите години на холандскиот Ајакс, со кој трипати беа европски прваци, потоа уште еден трикратен европски шампион, Германецот Бернд Дирнбергер (69), дефанзивен играч од средниот ред на германскиот Баерн, но, всушност, универзален фудбалер, плејмејкерот од Шкотска, Џон Мекгаверн (73), капитен при освојувањето на двете европски титули на англискиот Нотингем форест, како и уште еден трикратен европски клупски првак (со Ливерпул), плејмејкерот од Англија, Џими Кејс (68).
На оваа необична фудбалска листа е и, на пример, уште еден трофеен фудбалер, двократен европски клупски првак со Нотингем форест, плејмејкерот од Англија, Ијан Боер (71), втор фудбалер со најмногу настапи за тој клуб. Тој беше член на славната генерација на Нотингем форест од крајот на 70-тите години на минатиот век, со која титулата на Стариот Континент ја освои во 1979 и во 1980 година (во двете финалиња, со Малме и со Хамбургер, тој играше по 90 минути).

Боер во својата колекција има и трофеј во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК) со Манчестер сити, во 1970 година (во финалето играл 67 минути, во победата над полскиот Горњик со 2-1) и во европскиот Суперкуп со Нотингем форест во 1979 година (триумф со 2-1 по двата меча со Барселона, од кои настапи во првиот дуел), потоа и една домашна титула и два лига-купа со Нотингем форест, англиски куп и лига-куп со Манчестер сити…
Боер, кој не настапи ниту еднаш за фудбалската репрезентација на Англија во времето кога на таа позиција играа, на пример, Тревор Брукинг, Глен Ходл, Тери Мекдермот, Брајан Робсон…, во клупската кариера одигра над 600 меча и постигна повеќе од 100 гола, а смета дека неговиот најважен гол за Нотингем форест е погодокот со глава за победа на гости кај германскиот Келн во полуфиналето на Купот на шампионите во 1979 година, за пласман во првото европско финале на клубот (по ремито 3-3 дома, победа на гости кај Келн со 1-0).
– Да не го постигнев тој гол, немаше да ја освоиме титулата, а камоли да го направиме тоа двапати – рече тој. Г.М.

(продолжува)

Идната недела: Суперзамена