Од отклучување на „магичниот“ непознат петти елемент на фудбалот со помош на тестови на мозокот до луѓе што користат ВИ за да идентификуваат таленти, „Скај спорт“, како дел од серијата „Иднина на фудбалот“, ги разгледува иновативните луѓе и технологијата што го менуваат ангажирањето фудбалери
Според Иан Мекхејл од „Реална аналитика“ и професор по спортска аналитика на Универзитетот во Ливерпул, постојат луѓе што во наредните години ќе го променат начинот на кој се вршат трансферите и ангажирањето фудбалери, пишува „Скај спорт“, во нов дел од серијата „Иднина на фудбалот“, во кој ги разгледува иновативните луѓе и технологијата што го менуваат ангажирањето фудбалери. Назначувањето на Лори Шо за главен научник за вештачка интелигенција (ВИ) во „Сити фудбал груп“, матичната компанија на Манчестер сити, е сигнал дека оваа промена е веќе почната. Шо, порано астрофизичар на универзитетот „Јејл“, ја напушти улогата на научник и предавач на универзитетот „Харвард“ за да им се придружи во 2021 година на освојувачите на тројната круна од минатата сезона. Астрофизичарите се попознати по проучувањето на црните дупки отколку фудбалот, но дали тие и другите висококвалификувани научници и математичари навистина можат да станат клучни фигури во клубовите од Премиер-лигата?
– Мислам дека ова секако ќе се случи и ќе биде случај да се слушаат квантитативните аналитичари – изјави Мекхејл за „Скај спорт“.
Сепак, нема да биде доволно да се биде гениј. Како Шо, кој беше специјализиран за анализа на податоци за тимските спортови на „Харвард“, и Мекхејл објаснува дека на клубовите ќе им требаат луѓе што можат да го комбинираат техничкото разбирање со љубовта кон спортот.
– Тоа ќе бидат луѓето што на крајот ќе ви требаат во одборот или ќе им помогнат на одборот и на луѓето што потпишуваат чекови да донесуваат подобри одлуки – вели Мекхејл.
Јенс Мелванг, поранешен фудбалер, кој сега работи како висок менаџер на производи во „Статс перформ“, матичната компанија на „Опта“, дели слична перспектива. Дел од неговата улога е да ги преведува потехничките аспекти на податоците што ги произведуваат за тренерите во фудбалските клубови. Сепак, интеграцијата, се чини, не е секогаш лесна.
– Често гледам дека научниците за податоци можат да бидат изолирани во клубовите. Тоа е штета, бидејќи тие додаваат многу вредност. Најголемата пречка е да се осигуриме дека овие повеќе технички луѓе ќе станат дел од настаните – изјави тој за „Скај спорт“.
Фудбалот, очигледно, не ја користи целосната моќ на ресурсите со кои располага. „Скај спорт“ ги разгледува оние што ги ставаат науката, податоците и иновациите во центарот на нивното одлучување при трансфери и ангажирање.
Дали тестот на мозокот може да одреди елитен играч?
Што го издвојува елитниот фудбалер? Тоа беше прашањето што Ерик Кастиен, основачот на „Бреинс фрст“, им го постави на скаутите во Барселона и во Реал Мадрид како дел од неговото истражување за книгата што ја пишуваше за идентификација на таленти во 2011 година. Општо беше договорено талентот да се подели на четири елементи: технички, тактички, физички и психички. Но имаше уште еден, мошне неразбирлив, петти аспект.
– Некои од нив тоа го нарекуваат магија, други црна кутија. Или го имаш или го немаш. Кога ги замолив да покажат на телото, тие ми рекоа: „дефинитивно е тука помеѓу ушите“. Јас реков: „Добро, можеби тоа е функцијата на мозокот“. Тие ми рекоа: „Можеби си во право, но ние немаме разбирање за ова“ – вели Кастиен, поранешен новинар.
Кастиен ја пренел оваа теорија кај невронаучниците што ги интервјуирал за својата книга. Малку збунети од сугестијата на магијата, тие се согласија со неговата хипотеза за функцијата на мозокот. Им требаа четири години за да покажат дека можат точно да ги одредат функциите на мозокот потребни за да се биде врвен играч и уште шест за да покажат дека можат да го искористат за да ја предвидат иднината. Сега играчите на младинските тимови во клубовите во Европа, како АЗ Алкмар и ПСВ Ајндховен, имаат мерење на нивните когнитивни перформанси со тестови на мозокот за да се утврди дали го имаат она што е потребно за да се биде елитен фудбалер. „Брејнс фрст“ ја мерат магијата, пишува „Скај спорт“.
– Денес разбираме дека когнитивните перформанси се исто толку важни како и физичките перформанси за фудбалот. Сега го имаме истражувањето за да разбереме што бара фудбалот на елитно ниво од човечкиот мозок. Ако имате процена на нечиј мозок, можете да го споредите тој репер со нивните прагови. Ако ги разбирате нивоата на прагот и резултатите од мозокот, тогаш имате совпаѓање или не – објаснува Кастиен, чија улога беше да го премости јазот помеѓу фудбалот и невронауката.
Младинските академии на двата клуба доживеаја голем успех покрај ова партнерство. АЗ Алкмар ја освои младинската лига на УЕФА во април, а Јонг ПСВ беше крунисан за победник на Меѓународниот куп на Премиер-лигата во мај. Јурит Сандерс, водечкиот спортски научник во Академијата на ПСВ, за „Скај спорт“ вели дека когнитивните тестови му помагаат на клубот да разбере „ново парче од сложувалката во фудбалот“.
– Програмирањето и тренинзите што ги испорачуваме сега се многу подетални отколку порано, особено кога сѐ повеќе се фокусираме на индивидуалните спортисти и индивидуалното програмирање засновано на извонредни вештини – вели тој.
Откако младите фудбалери ќе го надминат прагот во ПСВ, еден од првите приоритети е да се тестира нивниот мозок.
– Мериме околу 53 когнитивни фактори. За да играте фудбал на највисоко ниво, треба да постигнете многу високи поени барем на околу 10 или 12 од нив. Ако сакате да настапувате на високо ниво во училиште, можеби има пет заеднички когнитивни фактори за да се биде фудбалер на највисоко ниво. Но, исто така, има уште седум или осум други – вели Кастиен, чија компанија сега ги спроведува овие тестови во форма на игри.
Оваа технологија создаде објективна мера за способност, елиминирајќи ја пристрасноста од процесот на скаутинг, а истовремено го рекалибрира начинот на кој клубовите ги идентификуваат талентите. Но кои клубови се најзаинтересирани да работат со „Бреинс фрст“?
– Оние што се многу гладни да ја надмудрат конкуренцијата со иновации. Мислам дека не е случајно што сега клуб во Англија како Саутемптон го избра „Бреинс фрст“. Тука станува збор за иновации и ако треба да го предизвикате статус квото, ако сакате да станете еден од најдобрите елитни тимови во Европа, тогаш треба да направите нешто поинакво. Ако ги копирате ќе изгубите, бидејќи буџетот е помал и сега со оваа технологија можете да се обидете да скокнете повисоко. Тоа е причината поради која предизвикувачките клубови во Европа ја избираат оваа иновација – вели Кастиен.
Искористување на ВИ за да се идентификува талентот
Скенирањето на мозокот не е единствениот начин да се запознаете со когнитивните вештини на играчот. Компаниите почнуваат да ја користат моќта на вештачката интелигенција за да произведуваат податоци што можат да обезбедат увид за одлучувањето и перформансите на фудбалерите низ светот. Ова им овозможува на клубовите да ја шират својата мрежа надалеку за да ги идентификуваат талентите, кои инаку не би можеле да бидат најдени додека не се во голема лига. На пример, Моисес Каиседо, кој во Брајтон пристигна од еквадорскиот клуб Индепендиенте дел Вале во 2021 година.
Многу долго, податоците за тоа што се случува кога се има посед на топката, даваа само дел од приказната. Се разбира, има многу повеќе што се случува околу тоа, каде што доаѓаат податоците за следење за сѐ што се случува надвор од поседот на топката, овозможувајќи им на компаниите како „Реална аналитика“ и „Статс перформ“ да обезбедат похолистичко разбирање на фудбалерот со комбинирање на двете. Податоците за настаните се дејства со топката, како завршени додавања или обиди за удари, а податоците за следење снимаат каде се играчите на теренот и што прават кога ја немаат топката.
– Податоците од настанот ви даваат што, а потоа податоците за следење ви овозможуваат да почнете да гледате зошто. Клучната работа што ви ја даваат податоците за следење е тоа што ви дава информации за позицијата и за движењето на сите играчи на теренот цело време и тоа ви дава контекст. Онаму каде што ги имате податоците за вашиот настан, знаевте дека играчот ја има топката и тој му додал на друг играч од оваа точка на теренот. Она што не го знаете е она што ја поттикна таа одлука – вели за „Скај спорт“ Бред Грифитс, постар потпретседател за иновации во „Статс перформ“.
Напредокот на вештачката интелигенција овозможува да се тренира компјутер користејќи длабоко учење за да се идентификува како играчот реагира во одредени услови за да предвиди како ќе се снајде во различна лига или ќе се вклопи во системот на одреден тим.
– Клуб од Премиер-лигата може да ги погледне јужноамериканските лиги и да види како играчот се однесува со и без топката, како трча, како реагира кога е под притисок од противнички играчи. Можете да видите колку им паѓаат перформансите кога имаат помалку време со топката, кога се директно против побрз играч. Тој клуб би можел да добие вистински увид во тоа како играчот може да се приспособи на фудбалот во најбрзата лига во светот – вели Мекхејл.
Како што анализата на податоците станува пософистицирана, таа оди подалеку од само перформансите на играчот и почнува да фрла светлина врз внатрешната работа на нивниот ум.
– Можете да почнете да гледате како играчите реагираат на различни сценарија и се сведува на нивниот когнитивен процес и процесот на донесување одлуки. Дали играчот има перцепција во движењето, колку брзо ги носи овие одлуки, дали е подготвен да истрча со топката покрај играчите или се обидува да ја додаде веднаш штом е под притисок? Можете да ги видите овие работи во податоците што ги собираме, кои ви помагаат да стекнете увид за тоа како играчот се однесува на теренот – вели Грифитс.
Може ли четбот да стане виртуелен аналитичар на податоци за ангажирање фудбалери?
Појавата на четботови, како што се ЧетГПТ на Опен АИ и Гугл бард, може да има идна примена во областа на анализа на податоци во фудбалските трансфери, пишува „Скај спорт“. „Сокермент“, компанија што ги следи и анализира податоците за перформансите во фудбалот, веќе презема чекори за да ги интегрира овие јазични модели во нивниот производ.
– Ја реконструиравме целата база на податоци за да може да ги приклучи главните алатки за ВИ, вклучувајќи ги, на пример, моделите на природен јазик за да можеме да ја испитаме нашата база на податоци преку АПИ на ЧетГПТ и други. Ова ни овозможува да дојдеме до она што мислам дека е многу моќна алатка што ќе биде објавена наскоро – изјави за „Скај спорт“ извршниот директор на „Сокермент“, Алдо Коми.
Платформата за анализа на податоци на „Сокермент“ има производ што го прави доволно достапен за некој без стручно знаење да ја пребарува нивната база на податоци. Платформата му овозможува на корисникот да бара замена за друг фудбалер. На пример, ако од Арсенал замине Букајо Сака, ова може да им помогне да идентификуваат кои играчи се најмногу слични, пишува „Скај спорт“.
– Букајо Сака има функција, која, според нашиот модел, е да биде фудбалер што оди на акции еден на еден и слично. Така, Сака го споредуваме само со тие типови играчи. Имаме и алгоритам за ВИ што ни ги покажува играчите што се најмногу слични на Букајо Сака – вели Коми.
Интеграцијата на јазичните модели како што е ЧетГПТ би послужила само за подобрување на искуството на корисникот, правејќи ја платформата подостапна за помалку технички квалификуваните.
– Нашиот дополнителен напор е да ви дадеме виртуелен аналитичар на податоци. Ќе влезете во нашата алатка и ќе прашате кои се најслични на Сака и зошто. Во основа, аналитичарот на податоци ќе одговори на многу прецизен начин, давајќи ви ги играчите, но и зошто тие се појавија во одговорот. Ќе даде одговори на начин што ќе биде поразбирлив за вас или за кого било – вели Коми.
Јазичните модели се во повој и брзо се подобруваат, но, во оваа фаза, уште предизвикуваат случајни неточности, што го отежнува целосното потпирање на нив, пишува „Скај спорт“.
– Аспектот на природен јазик да му поставувате прашања и да ви се презентираат податоци е навистина возбудлив. Една работа на која мораме многу да внимаваме, секако во просторот каде што зборуваме за спортски податоци и ангажирање фудбалери, е фактот дека не можете да правите грешки. Мора да добивате податоци за кои знаете дека се веродостојни и точни. Апсолутно ќе има свое место, тоа е нешто на што веќе работиме, но мора да се искористи во вистинската рамка со вистинската заштитна ограда за да можете да бидете 100 отсто сигурни дека она што ќе го добиете е вистина и е доверливо – вели Грифитс, виш потпретседател за иновации на „Статс перформ“. Н.М.