Денешното финале се игра на 150-годишнината од првото, тоа ќе биде 192-та средба помеѓу двата клуба, четврта сезонава (две ремија во Премиер-лигата и победа на пенали на Ливерпул во Лига-купот). Само вторпат два исти тима играат во финале на Лига-купот и на ФА-купот во иста година

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА, ФИНАЛЕ НА ФА-КУПОТ

Челси и Ливерпул ќе играат во денешното 141. финале на англискиот фудбалски ФА-куп, на стадионот „Вембли“ во Лондон (од 17.45 часот), на 150-годишнината од првото, и во реприза на финалето од 2012-та, во кое победи Челси со 2-1. За Челси, кој осум пати триумфирал во ФА-купот, ова ќе биде 16-то финале, а за Ливерпул, седумкратниот победник, 15-то. Најмногу финалиња одиграле Арсенал, 21 (14 пехари), и Манчестер јунајтед, 20 (13 трофеи).
Ливерпул последен пат победи во 2006 година, кога го совлада Вест хем во Кардиф на пенали. Оттогаш Челси триумфира пет пати, но ги загуби последните две финалиња, од Арсенал во 2020-та (1-2) и од Лестер лани (0-1). Челси е првата екипа што ќе игра во три финалиња на ФА-купот по ред, по Арсенал, помеѓу 2001 и 2003 година. Само вторпат два исти тима играат во финале на Лига-купот и на ФА-купот во иста година. Претходно тоа се случи во 1993 година, кога Арсенал го победи Шефилд венздеј во двете финалиња.
Денешното финале ќе биде 192-та средба помеѓу Ливерпул и Челси во сите натпреварувања. „Црвените“ од Ливерпул се поуспешни со 83 победи наспроти 65-те за „сините“ од Лондон, плус 43 ремија. Ливерпул го победи Челси во финалето на Лига-купот во февруари, нивни трет триумф по ред во меч за трофеј, по мечот во Комјунити шилд (суперкуп на Англија) во 2006 година и во Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) во 2019 година. Двете средби во Премиер-лигата сезонава завршија без победник (1-1 и 2-2), што укажува на тоа дека и овој натпревар треба да биде интересен и неизвесен.

Ова е прво финале на ФА-купот помеѓу двајца германски тренери, Јирген Клоп на Ливерпул и Томас Тухел на Челси, што значи дека еден од нив ќе влезе во аналите на ова престижно натпреварување како прв тренер од Германија што го освојува трофејот. – Апсолутно го сакам ова натпреварување. Ја препознавам неговата важност во клупската историја и колку тоа им значи на навивачите – вели Клоп.
Тухел, исто така, атакува на прв трофеј во ФА-купот. Тој лани, во првата година на „Стамфорд бриџ“, ги освои Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА, клупското СП, но го загуби финалето во ФА-купот.
– Ова е огромен натпревар во секоја смисла. Деновиве нема поголем меч од играње финале против Ливерпул или Манчестер сити – изјави Тухел.=