Филипо Гали, Серџо Брио, Ангел Атиенса Ландета

Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите) досега ја освоиле стотици фудбалери, некои од нив се легенди, трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација од разни причини. На оваа необична фудбалска листа се, на пример, и Италијанците Гали и Брио, како и Шпанецот Атиенса, сите одбранбени играчи со вкупно десетина европски трофеи

ТРОФЕЈНИ ЛЕГЕНДАРНИ ФУДБАЛЕРИ БЕЗ НАСТАП ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА (8)

Многу фудбалери сезонава играат за освојување на големиот трофеј во Лигата на шампионите, повеќе од нив веќе го освоиле барем еднаш, некои играа и за рекорден шести таков пехар, а многумина од нив имаат и трофеи или значајни успеси со своите репрезентации. Лигата на шампионите (натпреварување порано со име Куп на шампионите и со сосема поинаков систем на натпревари, но, секако, натпреварување за европската клупска титула) досега ја освоиле стотици играчи, некои од нив се легенди и трофејни фудбалери, но останале без настап за својата репрезентација, од разни причини.
Меѓу нив има, на пример, и трикратни европски прваци, но и други фудбалери, кои биле клупски шампиони на Европа и на светот, најдобри стрелци во некои од најсилните домашни фудбалски првенства во Европа, младински континентални прваци со соодветните репрезентации… Во претходните неколку продолженија ви ги претставивме голманот Хенц Стај (78) од Холандија и одбранбениот фудбалер Хорст Бланкенбург (75) од Германија, двоецот од славните денови во 1970-тите години на холандски Ајакс, со кој трипати беа европски прваци, потоа уште еден трикратен европски шампион, Германецот Бернд Дирнбергер (69), универзалниот фудбалер дефанзивниот играч од средниот ред на германски Баерн, плејмејкерот од Шкотска, Џон Мекгаверн (73), капитен при освојувањето на двете европски титули на англиски Нотингем форест, уште еден трикратен европски шампион (со Ливерпул), плејмејкерот од Англија Џими Кејс (68), двократниот континентален првак (со Нотингем форест) Ијан Боер од Англија, како и центарфорот од Англија, кој освои две европски титули (со Ливерпул), Дејвид Ферклаф (66).
Италијанците Филипо Гали (60) и Серџо Брио (66) и Шпанецот Ангел Атиенса Ландета (1931-2015), на пример, исто така се на оваа необична фудбалска листа, а сите се одбранбени играчи.
Гали беше член на славната генерација на Милан, играјќи заедно со Паоло Малдини, Франко Барези, Мауро Тасоти и со Алесандро Костакурта. Гали со Милан, меѓу другото, освои три европски титули (настапи 15 минути во првото финале, во 1989 година со Стеауа, 4-0, неколку минути во второто, една година подоцна, со Бенфика, 1-0, и го одигра целиот меч во 1994 година, со Барселона, 4-0), две светски круни, пет домашни трофеи, три суперкупа на Европа…
Брио беше столб на одбраната на Јувентус, со кој освои трофеи во сите три европски купа, играјќи во сите три финалиња, прво 90 минути во Купот на куп-победниците во 1984 година, со Порто (2-1), една година подоцна стана европски првак, со победата на мечот со Ливерпул (1-0, го одигра целиот натпревар), а во 1990 година беше капитен во финалето на Купот на УЕФА (сега Лига Европа) со Фиорентина (3-1, играше во првиот дел). Брио со Јувентус беше и светски првак во 1985 година (со Аргентинос јуниорс, 2-2, на пенали 4-2, Брио го одигра целиот натпревар и беше стрелец на еден гол од пенал), како и победник на европскиот Суперкуп во 1984 година (2-0 со Ливерпул, играше 90 минути). За репрезентацијата на Италија, Гали и Брио не одиграа ниту еден меч, а настапија за олимписката селекција на таа земја.
Атиенса, пак, е трикратен европски првак со Реал Мадрид од 1956 до 1958 година, играјќи 90 минути во првото финале (4-3 со Ремс) и во третото (3-2 со Милан), а за втората титула играше во текот на сезоната. Познат како Атиенса II бидејќи играше една година во Реал М. со својот брат Адолфо, тој влезе во историјата како еден од првите одбранбени фудбалери на првите европски трофеи на клубот од Мадрид. Неговата улога во интензивните финалиња со Ремс и со Милан беше особено забележлива, пишува Реал Мадрид на својата интернет-страница. Во 1959 година тој се пензионира од фудбалот и ѝ се посвети на уметноста. Пред да пристигне во Реал Мадрид тој се истакна во Сарагоса и разви кариера како уметник по неговото пензионирање од спортот во 1959 година, во која се издвојува создавањето витражи и мурали. Г.М.

(продолжува)
Идната недела: Некои други легенди