Фудбалски голман со бурна кариера

Еден од најпознатите голмани на преминот од минатиот во 21 век на овие наши простори беше Гого Јовчев. Тој со својот темперамент и начинот на кој го бранеше голот беше привлечен не само за тренерите туку и за гледачите. Кариерата ја почна во Вардар, а потоа бранеше во сите познати клубови во нашата држава. Јовчев настапуваше за младата и за сениорската репрезентација на Македонија

ГОГО ЈОВЧЕВ (1)

Македонското поднебје како да е создадено да му подари на фудбалскиот свет квалитетни фудбалски голмани. Само ако се потсетиме на историјата, ќе видиме дека еден голман што потекнува од вардаровата школа беше олимпиец, со по едно злато и сребро од најголемиот светски спортски собир. Веројатно сите знаете оти станува збор за Благоја Видиниќ, голман пораснат во Скопје и во Вардар, кој потоа ја продолжи кариерата во белградски Раднички. Покрај овие два олимписки медала, тој беше на голот на поранешна Југославија и на Европското првенство во Франција во 1960 година, кога се закити со сребрен медал, по поразот во финалето од тогашниот Советски Сојуз. Така, Видиниќ повлече нога и, по него, во Македонија на сцена стапија плејада добри голмани во периодот од 50-тите години на минатиот век. Меѓу оние што оставија печат во македонскиот фудбал, секако, е и Гого Јовчев. Тој беше голман со бурна кариера, која се градеше настапувајќи за нашите најпознати клубови, како и за младата и за сениорска репрезентација на Македонија.
– Имам многу за кажување, зашто јас сум како човек комуникативен и каде и да одев наоѓав пријатели. Но во почетокот мора да кажам оти како дете од скопска Кисела Вода имав можност да растам со една генерација мои врсници, би рекол обземени од фудбалот. Сите сонувавме да станеме добри фудбалери. Тој сон беше присутен и кај мене и само го чекав моментот. Во мое време немаше компјутери и плејстејшн, па јас моето задоволство го барав во фудбалот – ја почна својата фудбалска приказна Гого Јовчев.

ВУЈКОТО ГО ЗАГРЕА ЗА ФУДБАЛОТ

Интересно е дека Гого Јовчев во своето семејство имаше едно познато фудбалско име, не само во Македонија туку и на просторите на поранешна Југославија. Љубителите на фудбалот сигурно се сеќаваат на Алберт Цветиниќ, кој го бранеше голот на многу познати екипи, а најмногу се истакна со одбраните во Трепча и во Приштина, и тоа во нивните прволигашки денови.
– Цветиниќ ми беше вујко, па тој влијаеше кај мене уште повеќе да се разгори страста за фудбалот. При секое негово доаѓање кај нас дома, тој ми носеше топка, дрес или копачки. Кога ќе заминеше, одвај чекав следното негово доаѓање да биде што побрзо, зашто знаев оти повторно ќе ме изненади со некој фудбалски подарок. Од оваа временска дистанца можам да кажам дека тој ми ја всади љубовта кон фудбалот, во кој набрзо се вклучив и јас како младинец. Бев пресреќен кога ми се укажа шанса да одам на еден селективен тренинг во Вардар, по кој и не бев многу задоволен. Мислев оти тешко ќе можам да влезам во школата на популарниот клуб. Но на заминување од игралиштето, во ходникот ме пресретна Сократ Мојсов и ме праша дали сакам да бидам голман. Токму тоа и јас го посакував и веднаш му одговорив со – да. Тоа беше пресудниот момент, Сократ ме повика да се вратам и оттогаш почнав да го „печам“ голманскиот занает. Тоа се случи во 1987 година, кога имав 13 години – вели Гого.
Гого Јовчев стана прв голман на пионерскиот, а не помина долго време почна да брани и за младинскиот тим. Набрзо заигра и за младинската репрезентација на Македонија, која настапуваше на традиционалните приредби организирани од тогашниот ФСЈ, од кои најголемо значење ѝ се даваше на Партизанската олимпијада во Фоча. Таму учествуваа репрезентациите на шесте републики и двете покраини.
– Инаку, младинците на Вардар имаа и традиционална меѓународна програма, па, така, секоја година се патуваше во Франција и во Англија, некогаш и во некоја трета земја, да се измерат силите со врсниците од тие држави и да се види до каде се нашите можности. Во секој случај беше возбудливо и интересно. Јас, пак, само чекав побрзо да поминат младинските денови и да зачекорам на сениорската сцена. До неа не се стигнуваше брзо, зашто имаше голмани „стари волци“, кои подолг период имаа обезбедено место во сениорските постави. Од тој период ми останаа незаборавни сеќавањата на дуелите со младинците на Работнички и на Пелистер. Битолчани во двете средби во лигата нѐ победија, во Скопје со 1-2, а во Битола со 3-0. Се сеќавам, трите гола ги постигна Митко Стојковски. Но затоа, пак, ние во истата сезона во финалето во Охрид го освоивме младинскиот Куп на Македонија. Интересно е да споменам дека тогаш во школата на Вардар, кој беше многу добро организиран, покрај скаутот Златко Илиевски, кој ги откриваше талентите, работеа поранешните фудбалери Сократ Мојсов, Методија Спасовски, Ванчо Трпевски, Ванчо Балевски, Петар Шулинчевски, повремено и Часлав Божиновски, кој почесто беше ангажиран со сениорите. Од нив навистина имаше што да научиме. Јас толку многу се загреав за фудбалот, така што го запоставив учењето. Се случуваше со денови да не одам на настава. Наместо тоа, секое претпладне одев на тренинг, некогаш и сам, а попладне со екипата. Во паузата ќе тркнев до некоја самопослуга, ќе земев нешто за јадење и го чекав следниот тренинг. Толку го засакав бранењето, што за друго нешто и не помислував. Сето тоа го криев од домашните, иако знаев дека ќе дојде и тој ден кога ќе бидам откриен и ќе мора да одговарам за мојата постапка. Како што претпоставував, по долгото ескивирање, сѐ излезе на виделина. Мајка ми, која секојдневно ми переше по две опреми за тренинг, претпоставуваше дека нешто се случува со мене. Кутрата жена се „уби“ од перење. Веројатно ѝ стана сомнително, па по нејзино инсистирање, татко ми Гоце отиде да види како ми оди учењето. Така дојде крајот на моето криење, но останав цврст на мојот став оти не сакам повеќе да учам и сакам да играм само фудбал – вели тој.

ОХРАБРЕН ОД ХАЏИЕВСКИ

Ослободен од неизвесноста, која со недели го прогонуваше, како ќе биде и што ќе биде откако родителите ќе ја слушнат вистината, Гого Јовчев сега целосно му се посвети на фудбалот. Домашните повеќе немаа што да му сугерираат. Остануваше само да се чека за да се види во која насока ќе се движи неговата кариера. Секој спортист има моменти на криза, па некогаш е во дилема дали да продолжи или да им стави крај на спортските активности.
– Знаев дека морам да издржам и да поминам низ сите искушенија. Тогаш во вистински час во Вардар дојде Ѓоко Хаџиевски, кој ми ја врати самодовербата. Тој веројатно почувствува дека имам потенцијал да се развијам во квалитетен голман, па постојано ме храбреше. Не беше мала работа еден стручњак како Хаџиевски да верува во тебе. Впрочем, подоцна кога ме зеде и во репрезентацијата на нашата држава, се покажа дека не било само охрабрувањето што ми го даде, туку и верувањето дека од мене може да стане нешто – продолжи Јовчев.
Потоа почна да се ткае кариерата на Гого Јовчев. За да може побрзо да напредува, тој беше позајмен на ФК Скопје. Тука, пак, неговиот чичко Иван беше претседател, а другиот, популарниот Славе Батка, беше „кртица“ за сѐ.
– Тие двајца го одржуваа клубот, а мое беше само да бранам и да не ги разочарам. Јас тренирав во Вардар, а настапував за Скопје. Се чувствував како да им припаѓам на двата клуба. Добра околност за мене беше што во Вардар со голманите работеше Драган Мутибариќ, од кого многу научив. Навистина Муто беше голем мајстор не само кога се наоѓаше меѓу стативите туку и како тренер. Несебично ми ги пренесуваше своите искуства и од него многу научив. Станав специјалист за одбрана на ударите од белата точка. Тогаш за голманите беше многу битно да ги бранат пеналите, зашто доколку средбата завршеше нерешено, се шутираа пенали за да се добие победникот. Така, се случуваше да одбранам по два, некогаш и три пенала – рече тој.
Гого Јовчев од тоа време го памети моментот кога во 1991 година, на полусезоната му пришол Ѓоко Хаџиевски и му рекол оти од утре треба да почне да тренира со првиот тим на Вардар.
Како течеше потоа кариерата на Гого Јовчев и за титулите освоени со Вардар ќе прочитате идната недела.


ГОГО ЈОВЧЕВ

Роден: во 1974 година во Скопје
Кариера: Вардар, Скопје, Брегалница, Победа, Слога Југомагнат, Работнички Кометал, Беласица, Шкендија, Еуромилк, млада и сениорска репрезентација на Македонија
Успеси: четири титули во ПМФЛ, прогласуван и за голман на годината