Олимпијакос е силен, агресивен тим. Ако ја победил Астон Вила дома и на гости, тоа значи дека има квалитет, вели тренерот на Фиорентина, Винченцо Италијано. Огромна е радоста да се дојде дотука за сите нас што се трудиме секој ден на теренот и, пред сѐ, за нашите навивачи, вели тренерот на Олимпијакос, Хозе Луис Мендилибар
ФУДБАЛ – КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА – ФИНАЛЕ
Италијанскиот клуб Фиорентина и грчкиот клуб Олимпијакос вечерва (21 ч.), на АЕК-арената во Атина (капацитет 32.500 гледачи), ќе ги одмерат силите во финалето на Конференциската лига (КЛ). За Фиорентина ова ќе биде репризно финале, оти и лани беше дел од него, кога загуби (1-2) од премиерлигашот Вест Хем, додека за Олимпијакос, а и за грчкиот фудбал ова е прво сениорско европско финале воопшто и секако ќе настојува да испише своја историја, односно да стане прв клуб од Грција што успеал да освои европски трофеј. Победникот, покрај славеничкиот пехар, кој е висок 57,5 см и тежок 11 кг, ќе се пласира во групната фаза на Лига Европа (ЛЕ) следната сезона. Досегашни победници на Конференциската лига, новото натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА), се италијанската Рома во 2022 година и англискиот Вест хем лани.
Фиорентина, која двапати била првак на Италија, а шест пати го освоила домашниот Куп, по шести пат игра во финале на некое европско клупско натпреварување. Клубот од Фиренца има еден трофеј, во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК), во 1961 година, а бил финалист во Лигата на шампионите, КПК и Купот на УЕФА. До ова финале дојде со клупска рекордна серија од 13 натпревари без пораз.
– Олимпијакос е силен, агресивен тим. Ако ја победил Астон Вила дома и на гости, тоа значи дека има квалитет. Нивниот центарфор Ел Каби постојано постигнува голови. Тие можат да се затворат и да се спротивстават многу ефикасно. Ние во основа сме во нивниот град, така што можете да замислите во каква атмосфера ќе зачекориме. Сакаме максимално да ги искористиме лекциите што ги научивме од минатата сезона. Ова е одлична можност да донесеме трофеј во Фиренца – изјави тренерот на Фиорентина, Винченцо Италијано, за официјалната веб-страница на УЕФА.
Олимпијакос бил 47 пати шампион на Грција, а 28 пати го подигнал пехарот во националниот куп. Тој ја започна сезоната во ЛЕ, каде што го освои третото место во својата група, што значеше префрлување во КЛ.
– Кога дојдов во Олимпијакос, не очекував дека ќе одиме толку далеку во Европа. Собирав информации за тимот. Сепак, полека почнав да верувам дека можеме добро во Конференциската лига. Огромна е радоста да се дојде дотука за сите нас што се трудиме секој ден на теренот и, пред сѐ, за нашите навивачи – вели тренерот на Олимпијакос, Хозе Луис Мендилибар, за официјалната веб-страница на УЕФА.
Триумфот на Олимпијакос во Младинската лига на Европа веќе им даде на навивачите причина да слават сезонава. Без разлика на резултатот во финалето на КЛ, Олимпијакос веќе испиша историја во Европа, кога неговиот тим (до 19 години) го подигна трофејот на УЕФА во Младинската лига. Така тие станаа првата грчка екипа што освоила европски клупски трофеј, победувајќи го со 3-0 италијанскиот Милан во финалето одиграно во Нион (Швајцарија) на 22 април. Досега ниту еден клуб нема освоено Младинска лига и голем европски клупски трофеј во иста сезона. Можеби тоа ќе му успее на Хозе Мендилибар.
Фиорентина падна на последниот испит пред 12 месеци и секако дека не сака тоа да се повтори и сега, во Атина. Но клубот мора да одигра на врвно ниво, оти не треба да се заборави дека Олимпијакос елиминира клубови како Фенербахче и Астон Вила. Офанзивната игра, брзината и техничките вештини се главните обележја на Фиорентина, кои ќе мора да ги потврди и на стадионот во Атина.
За Олимпијакос, пак, оваа сезона беше комплицирана, со три тренерски промени и неуспехот да се запише 48-та домашна титула, но со историско прво европско финале. Играјќи на неколку километри од својот дом во Пиреја, тие и ќе се чувствуваат како дома. Доколку триумфираат, тие ќе станат првиот грчки клуб што освоил европски трофеј на сениорско ниво.
Португалецот Артур Сареш Диас (44) ќе биде главен судија на мечот. Тој е меѓународен судија од 2010 година, а ова ќе биде негово прво финале на некое клупско натпреварување на УЕФА. Г.И.
Олимпијакос – Фиорентина
Среда, 29 мај (21 часот). Стадион: Арена АЕК во Атина.
Капацитет: 32.500 гледачи. Судија: Артур Сареш Диас од Португалија.
Можни почетни состави
ОЛИМПИЈАКОС: Цолакис, Родинеи, Рецос, Давид Кармо, Ортега, Чикињо, Ибора, Хезе; Поденсе, Ел Каби, Фортунис. Тренер: Хозе Луис Мендилибар.
ФИОРЕНТИНА: Терачиано, Додо, Мартинез Кварта, Миленковиќ, Бираги, Мандрагора, Бонавентура, Гонзалес, Белтран, Куаме, Белоти. Тренер: Винченцо Италијано.