Финале помеѓу најефикасните: Ајнтрахт – Ренџерс

Двата клуба ќе играат за вториот европски трофеј во клупската историја. Ајнтрахт победи во Купот на УЕФА (сега ЛЕ) во 1980 година, а Ренџерс триумфира во некогашниот Куп на победниците на куповите во 1972-та

ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА МЕЧ ЗА ТРОФЕЈОТ ВО ЛИГА ЕВРОПА

На стадионот „Рамон Санчез-Писхуан“ во Севилја, вечерва (21 часот), во финалето на фудбалската Лига Европа (ЛЕ), ќе се сретнат германски Ајнтрахт Франкфурт и шкотски Глазгов ренџерс, најефикасните тимови сезонава, со 20, односно 22 гола.
Двата клуба ќе играат за вториот европски трофеј во клупската историја. Ајнтрахт победи во Купот на УЕФА (сега ЛЕ) во 1980 година, а Ренџерс триумфира во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК) во 1972 година. Ова ќе биде прв натпревар во европско финале помеѓу тимови од Германија и од Шкотска, откако Баерн го победи Ренџерс во КПК во 1967 година.
Ајнтрахт имаше одлична сезона во оваа натпреварување, не загуби ниту еден натпревар и е само третата екипа што стигнала до финалето без пораз. Претходно тоа им успеа на Челси (во сезоната 2018/2019) и на Вилјареал (лани), кои на крајот го освоија трофејот.
– Полека работите си доаѓаат на свое место. По полуфиналето, на играчите им реков: Не знам дали вие сте најдобрите играчи или дали ние сме најдобрите тренери, но ние сме исклучителни како група и заедно можеме да бидеме најдобри – вели Оливер Гласнер, тренерот на Ајнтрахт.
Ајнтрахт го победи Ренџерс во полуфиналето на тогашниот Куп на европските шампиони (сега Лига на шампионите) во 1960 година, притоа постигнувајќи по шест гола на двата меча (6-3 и 6-1), но во финалето загуби од Реал Мадрид (3-7). Ренџерс десетина години подоцна, во 1972-та, го освои КПК, единствениот европски трофеј во четирите големи финалиња.
– Многу сум горд на сѐ што постигнавме. Малкумина фудбалери можат да играат европски финалиња. Тоа не е за секого. Штом сме таму, ќе сториме сѐ за да победиме – изјави Џовани ван Бронкхорст, менаџерот на Ренџерс.


За победникот, пехар од 15 кг, пласман во ЛШ и 8,6 милиони евра

Победничкиот тим во вечерашното финале на фудбалската Лига Европа, помеѓу Ајнтрахт (Германија) и Ренџерс (Шкотска), ќе се пласира во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) за следната сезона.
Сребрениот трофеј што го добива победникот во ЛЕ е висок 65 сантиметри и тежи 15 килограми. Пехарот, кој е најтежок од сите што ги дoделува Европската фудбалска унија (УЕФА), стои на мермерна подлога, дизајниран е и изработен од работилницата „Бертони“ во Милано. Оригиналниот трофеј останува во чување на УЕФА постојано, а реплика со целосна големина му се доделува на победничкиот клуб. Секој клуб што ќе го освои трофејот трипати едноподруго или вкупно пет пати добива посебен знак на признание. Ова се случи во сезоната 2015/2016, кога Севилја ги исполни двата критериума.
Паричната награда за клубот победник на ЛЕ изнесува 8,6 милиони евра, а за поразениот 4,6 милиони евра. Фудбалерите на победничкиот тим и стручниот штаб ќе добијат 40 златни, а на поразениот 40 сребрени медали.