Во рамките на процесот, проектниот тим на ФФМ одржува редовни работни сесии со ФИФА, а последниот се однесуваше на програмата за асистенција и одобрување на имплементацијата и за споделување на најдобрите практики во однос на ВАР-имплементациите, додека темите беа технолошката инфраструктура и логистиката потребна за системот, обуката и развојот на судиите за работа со ВАР-процесот на одобрување според глобалните стандарди на ФИФА. Тоа значи дека веќе од следната натпреварувачка сезона, ВАР ќе биде дел од натпреварите во Првата лига, пишува ФФМ
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) веќе е во процес за имплементација на системот видеопомошник-судија (ВАР) во македонскиот фудбал, со што ќе се направи значаен чекор во модернизација на Првата македонска лига, информира ФФМ. Во рамките на постапката, ФФМ веќе доби понуди од компании специјализирани за ВАР-технологија и во моментот е во фаза на евалуација и избор на најсоодветниот понудувач. Овој процес се спроведува во тесна координација со Светската фудбалска федерација (ФИФА) и со Европската фудбалска унија (УЕФА), во согласност со сите меѓународни стандарди за имплементација и користење на ВАР-системот, пишува ФФМ.
– Убедени сме дека имплементацијата на ВАР-системот ќе придонесе кон поголема транспарентност и квалитет во организирањето на натпреварите. Овој проект е важен чекор за нашата лига и со него не се обезбедува само поддршка на судиите туку и создаваме услови за подобро функционирање и на клубовите, во насока на подобрување на постојната инфраструктура на стадионите и барањата за поставување платформи за ТВ-камери, во согласност со потребите за имплементација на ВАР – рече Дејан Јакимовски, проектен лидер за имплементација на ВАР, пренесе ФФМ.
Во рамките на процесот, проектниот тим на ФФМ одржува редовни работни сесии со ФИФА. Последниот се однесуваше на програмата за асистенција и одобрување на имплементацијата и споделување на најдобрите практики во однос на ВАР-имплементации. Темите што беа опфатени се однесуваа на технолошката инфраструктура и логистиката потребна за системот, обуката и развојот на судиите за работа со ВАР-процесот на одобрување (лиценцирање) според глобалните стандарди на ФИФА. Тоа значи дека веќе од следната натпреварувачка сезона, ВАР ќе биде дел од натпреварите во Првата македонска фудбалска лига, а ФФМ останува посветена на унапредување на фудбалската инфраструктура и на создавање услови за фер и еднаков третман на клубовите, пишува ФФМ. Н.М.