Првото финале е одиграно на 16 март 1872 година (Вондерерс – Ројалс 1-0), а утрешното е 141-то (Челси – Ливерпул). ФА-купот стана многу популарно поради неочекуваните резултати. Од 1882 година, предавањето на пехарот се прави во кралската ложа, од 1923-та финалето се игра на „Вембли“, од 1927-та има радиопреноси, од 1938-та се емитува на ТВ…

НАЈСТАРО ФУДБАЛСКО НАТПРЕВАРУВАЊЕ

Утрешното финале Челси – Ливерпул на стадионот „Вембли“ во англискиот ФА-куп, најстарото и најпрестижно домашно фудбалско натпреварување во светот, ќе се игра 150 години по првото (141. што ќе се игра). Првото финале е одиграно на 16 март 1872 година (Вондерерс – Ројалс 1-0), а победниците го добиле трофејот речиси еден месец подоцна на годишната клупска вечера. Фудбалската асоцијација (ФА) на секој играч му доделила значка за одбележување на победата, а клубот им дал златни медали. Единствениот познат таков медал бил продаден на аукција во 2010 година за 70.500 фунти (82.260 евра). Традиционално, предавањето на пехарот и на медалите се прави во кралската ложа, традиција што почнала во финалето во 1882 година.
Натпреварувањето стана многу популарно поради неочекуваните резултати. Голем скок беше направен во 1923 година, кога финалето првпат се одигра на „Вембли“, наменски изграден стадион, делумно дизајниран да одговори на зголемениот апетит за финалето на ФА-купот. На тој меч имало 126.047 гледачи. Во 1927 година, Кардиф го победи Арсенал во првото финале пренесувано на националното радио. Телевизијата пристигна во 1938 година, емитувајќи го во целост финалето Престон – Хадерсфилд.
По повод јубилејното финале, ФА на Англија како специјални гости покани значајни фигури од секоја деценија од ова натпреварување. Тие претставници се дел од трајните вредности на ФА-купот, односно роднини на основачите, рекордери, легендарни стрелци, коментатори и многу други, кои ќе им бидат претставени на гледачите на паузата помеѓу двете полувремиња.