Тој е многу подобар во споредба со минатата сезона. Има подобро време, наоѓа подобри позиции и ги донесува вистинските одлуки, вели тренерот на Борусија Д., Марко Розе. Статистиката на Холанд оди по нагорна линија, стана најмладиот играч во историјата на Бундес-лигата со 50 гола, на најмалку одиграни мечеви, само 50, сезонава има значително повеќе допири со топката во противничките 16 метри, бројот на ударите на гол оди во иста насока, има повеќе асистенции…

ЕДЕН ОД НАЈБАРАНИТЕ ФУДБАЛЕРИ ЗА ЗИМСКИОТ ПРЕОДЕН РОК

Норвежанецот Ерлинг Холанд (21), напаѓачот на Борусија Дортмунд, е еден од најбараните фудбалери во Европа пред јануарскиот преоден рок, а како најзаинтересирани за него се спомнуваат најбогатите премиерлигашки клубови, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул и Челси, но и други врвни европски клубови, се наведува во написот на „Скај спорт“. Од Дортмунд тврдат дека тој нема да си замине во јануари, но дури и да биде така, неговиот агент Мино Раиола веќе најави дека постојат „големи шанси“ тој да се пресели во друг клуб налето, кога откупната клаузула од 75 милиони евра во неговиот договор, наводно, стапува во сила, пишува „Скај спорт“.
Со 76 гола на 74 меча за Борусија по доаѓањето од Салцбург во декември 2019 година, не е ни чудо што Холанд е толку баран, иако сезонава имаше доста отсуства поради повреди. На првиот настап по два месеца пауза, на 27 ноември, постигна гол по само седум минути откако влезе во игра, помагајќи ѝ на Борусија да го победи Волфсбург со 3-1. На 15-те меча во Бундес-лигата, сезонава постигна 13 гола, а поефикасни од него се само Роберт Левандовски (19 гола) од Баерн и Патрик Шик (16 гола) од Баер. Холанд постигнува гол во просек секои 69 минути во Бундес-лигата, што е најдобар ефект за него од доаѓањето од Салцбург. Неговата статистиката оди по нагорна линија. Во минатиот месец, Холанд, на 21 година и шест дена, стана најмладиот играч во историјата на Бундес-лигата што постигнал 50 гола, на најмалку одиграни мечеви, само 50. Она што е најимпресивно, сепак, е тоа што Холанд, чиј голем талент се виде уште во Салцбург како тинејџер, продолжува да се подобрува.
– Тој е многу подобар во споредба со минатата сезона. Има подобро време, наоѓа подобри позиции и ги донесува вистинските одлуки – вели тренерот на Борусија, Марко Розе.
Тоа подобрено движење и донесување одлуки може да се види во повеќето постигнати голови, но позиционирањето најдобро објаснува како тој достигна повисоко ниво сезонава. Едноставно Холанд поминува повеќе време во делови од теренот во кои е опасен за противниците. Тој благодарение на извонредната брзина и сила е способен да влијае од речиси сите позиции, но најопасен е во противничкиот шеснаесетник. Сезонава, една од најзабележителните промени во неговата игра е тоа што има значително повеќе допири со топката во противничките 16 метри. Неговиот просек е 8,7 допири во противничкиот казнен простор за 90 минути, што е зголемување од 7,1 минатата година, односно од 5,6 во сезоната 2019/2020. Бројот на ударите на гол оди во иста насока, сезонава во Бундес-лигата има 4,5 удари на гол на 90 минути, што е подобрување од 3,5 во минатата сезона. Неговиот просек од 2,2 удари во рамката на голот, исто така, е значително подобрување. Статистиката покажува и дека тој им асистира повеќе на соиграчите. Сите бројки укажуваат на тоа дека тој наоѓа нови начини за подобрување што би требало да биде опомена за оние клубови што нема да го ангажираат.