По десетина кола во шампионатите на Англија, Шпанија, Франција, Германија и на Италија, само Јан Сомер од Интер има шест меча без примен гол, а по пет забележаа Столе Димитриевски, Војчех Шчесни, Марк Андре тер Штеген и Унаи Симон
Македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски е меѓу најуспешните голмани во најсилните пет првенства во Европа (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија) и на делба на првото место во Шпанија, во категоријата мечеви без примен гол, според статистиката на специјализираната интернет-страница „Трансфермаркт“. Чуварот на мрежата на шпанскиот Рајо Валјекано е на делба на второто место на оваа листа на голманите од петте најсилни првенства на Стариот Континент, откако сезонава на десетте меча во Ла лига на пет средби не прими гол. Истиот ефект го остварија и Војчех Шчесни од Јувентус (Италија), Марк Андре тер Штеген од Барселона (Шпанија) и Унаи Симон од Атлетик Билбао (Шпанија). Од голманите во најсилните пет европски домашни шампионати поуспешен е само Јан Сомер од Интер (Италија) со шест првенствени натпревари без примен гол, на девет меча сезонава.
На листата потоа се, на пример, меѓу другите, Кепа Аризабалага (Реал Мадрид) и Јан Облак (Атлетико Мадрид), со по четири натпревари без примен погодок, Давид Раја (Арсенал) и Едерсон (Манчестер сити) со по три…
Димитриевски остана несовладан на јубилејниот 100-ти меч во Ла лига (според статистиката на „Трансфермаркт“), откако одбрани и еден пенал во победата на Рајо Валјекано на гости кај Лас Палмас со 1-0, во 10-то коло. Тој сезонава не прими гол и на дуелите со Алмерија, Гранада, Алавес и со Кадиз.
Во претходните две сезони Димитриевски на по девет натпревари ја зачува својата мрежа на првенствен дуел, а три такви средби имаше во сезоната 2018/2019, сите во дресот на Рајо Валјекано. Н.М.
МЕЧЕВИ БЕЗ ПРИМЕН ГОЛ ВО ПЕТТЕ НАЈСИЛНИ ЛИГИ СЕЗОНАВА
Јан Сомер (Интер) 6
Столе Димитриевски (Рајо Валјекано) 5
Војчех Шчесни (Јувентус) 5
Марк Андре тер Штеген (Барселона) 5
Унаи Симон (Атлетик Билбао) 5
Извор: Трансфермаркт