Во иста година европски титули со клуб и со репрезентација досега освоија Шпанците Луис Суарез, Фернандо Торес и Хуан Мата, Холанѓаните Ханс ван Брукелен, Роналд Куман, Бери ван Ерле, Џералд Ваненбург, Португалците Кристијано Роналдо и Пепе и Италијанецот Жоржињо
ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО (11)
До почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите изданија на европските првенства
Неколкумина од девет фудбалери што ќе настапат на Европското првенство можат да влезат во фудбалската историја ако со својата репрезентација триумфираат на континенталниот шампионат што в петок почнува во Германија. Во пресрет на годинашното континентално првенство во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти од минатите шампионати.
Освојување на двојна круна секогаш е посебно достигнување во фудбалот, а редок успех е во една година да се стане европски првак и со клуб и со репрезентација. Досега тоа им успеа на 10 фудбалери, според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Прв на оваа необична трофејна листа се запиша Шпанецот Луис Суарез, кој во 1964 година ги освои континентални титули со италијанскиот Интер во тогашниот Куп на шампионите (сега Лига на шампионите) и со шпанската репрезентација на Европското првенство во Шпанија.
На следниот ваков успех се чекаше дури 24 години, кога четворица фудбалери го повторија достигнувањето на Суарез, а тоа беа Ханс ван Брукелен, Роналд Куман, Бери ван Ерле, Џералд Ваненбург. Тие одиграа клучна улога во победата на холандскиот ПСВ Ајндховен на натпреварот со португалската Бенфика, на пенали, во финалето за европската клупска титула во 1988 година, во Штутгарт (Германија), а точно еден месец подоцна, и одново во Западна Германија, го додадоа првиот голем трофеј на репрезентацијата на Холандија, пишува УЕФА.
Двојна круна беше освојувана и на минатите три европски шампионати. Фернандо Торес и Хуан Мата имаа незаборавно лето во 2012 година, кога по триумфот во Лигата на шампионите со англискиот Челси, постигнаа по еден погодок во финалето на Европското првенство истата година во Полска и во Украина.
Кристијано Роналдо и Пепе четири години подоцна одиграа клучни улоги за шпанскиот Реал Мадрид и за селекцијата на Португалија, а Жоржињо е единствениот што освои ваква двојна круна во непарна година, откако ЕП 2020 беше одложено за 12 месеци поради пандемијата на ковид-19, пишува УЕФА. Жоржињо европските трофеи ги освои со Челси и со репрезентацијата на Италија, во 2021 година.
За да се квалификуваат како „двојни победници“, фудбалерите мора да се појават во двете победнички финалиња, пишува Европската фудбалска унија на својата интернет-страница. Според тој критериум, годинава двојна круна можат да освојат девет фудбалери на новиот европски клупски првак, Реал Мадрид, и тоа Германците Антонио Ридигер и Тони Крос, Шпанците Дани Карвахал, Начо и Хоселу, Французите Ферлан Манди и Едуардо Камавинга, Англичанецот Џуд Белингем и Хрватот Лука Модриќ, пишува УЕФА.
Двојна круна (европски трофеи со клуб и со репрезентација) кога на програмата се светските фудбалски првенства, пак, досега освоија Сеп Маер, Паул Брајтнер, Ханс-Георг Шварценбек, Франц Бекенбауер, Герд Милер, Ули Хенес со Баерн и со репрезентацијата на Западна Германија, во 1974 година, потоа Кристијан Карембе со Реал Мадрид и со селекцијата на Франција во 1998-ма, Роберто Карлос со Реал Мадрид и со репрезентацијата на Бразил во 2002 година и Рафаел Варан со Реал Мадрид и со репрезентацијата Франција во 2018 година, пишува УЕФА. Н.М.
ОСВОЈУВАЧИ НА ДВОЈНА КРУНА
ГОД. ФУДБАЛЕР ЛШ ЕП
1964 Луис Суарез Интер Шпанија
1988 Ханс ван Бреукелен ПСВ Ајндховен Холандија
1988 Роналд Куман ПСВ Ајндховен Холандија
1988 Бери ван Аерле ПСВ Ајндховен Холандија
1988 Џералд Ваненбург ПСВ Ајндховен Холандија
2012 Фернандо Торес Челси Шпанија
2012 Хуан Мата Челси Шпанија
2016 Кристијано Роналдо Реал Мадрид Португалија
2016 Пепе Реал Мадрид Португалија
2020 Жоржињо Челси Италија
ЛШ – Лига на шампионите; ЕП – Европско првенство
Извор: УЕФА