Фото: Игор Бансколиев

Годинашниот колективен збир е трет највисок досега (1,05 милијарда долари во 2021 година и 1,06 милијарда во 2018 година). Надвор од теренот, првите десет спортисти собраа околу 500 милиони долари, што е речиси рамно на минатогодишните рекордни 512 милиони долари, а границата за влез на листата со врвните 10 е повисока од кога било, пишува „Форбс“

Лионел Меси (ПСЖ) ја предводи групата, која збирно заработила повеќе од 990 милиони долари за 12 месеци (од мај лани до мај годинава), со границата за влез на листата повисока од кога било, пишува магазинот „Форбс“.
Со 130 милиони долари бруто-заработка во минатите 12 месеци, Меси го зазема првото место на годишното рангирање на „Форбс“ за најплатени спортисти во светот, водејќи на листата вторпат (претходно во 2019 година). Меси го израмни рекордниот вкупен износ од 12 месеци за еден фудбалер од минатата година, кога беше втор, зад ММА-борецот Конор Мекгрегор, пишува „Форбс“.
Фудбалскиот ривал на Меси, Кристијано Роналдо (Манчестер јунајтед), годинава се наоѓа на третото место, со 115 милиони долари, а помеѓу двајцата е кошаркарот Леброн Џејмс од Лос Анџелес лејкерс, со 121,2 милион долари, уривајќи го рекордот од 96,5 милиони долари за НБА-играч што го постави во минатата година. Џејмс станува само десеттиот спортист што успеал да надмине 100 милиони долари за една година, а Меси и Роналдо досега го достигнаа тоа по пет пати.
Збирно, десетте најплатени спортисти во светот заработиле вкупно 992 милиони долари во претходните 12 месеци, според процените на „Форбс“. Тоа е пад од шест проценти во однос на 2021 година. Годинашниот колективен збир, пак, е трет највисок досега, зад тој во 2021 година, со 1,05 милијарда долари и вкупно 1,06 милијарда долари во 2018 година. И како еден јасен знак дека врвните спортски ѕвезди се снаоѓаат подобро од кога било, границата за влез во првите десет годинава е 80,9 милиони долари, што е скок од осум отсто во однос на 75-те милиони долари во 2021 година и зголемување од 24 проценти од 65,4-те милиони долари во 2019 година, претходните рекорди, пишува „Форбс“.
Надвор од теренот, првите десет спортисти собраа околу 500 милиони долари од настапи, сувенири, такси за лиценцирање…, како и од бизнисите што ги работат и акциите што ги продадоа, пишува „Форбс“. Тоа е речиси рамно на минатогодишните рекордни 512 милиони долари.


ДЕСЕТТЕ СПОРТИСТИ СО НАЈГОЛЕМИ ПРИХОДИ

ИМЕ И ПРЕЗИМЕ СПОРТ СУМА
Лионел Меси фудбал 130
Леброн Џејмс кошарка 121,2
Кристијано Роналдо фудбал 115
Нејмар фудбал 95
Стивен Кари кошарка 92,8
Кевин Дурант кошарка 92,1
Роже Федерер тенис 90,7
Канело Алварез бокс 90
Том Брејди ам. фудбал 83,9
Јанис Адетокумпо кошарка 80,9

Извор: Форбс сумите се во милиони долари (за периодот од мај лани до мај годинава)