Во претходните четири години прваци на Јужна Америка беа тимови од Бразил, и тоа Фламенго и Палмеирас по двапати, а во финалињата во 2020, 2021 и во 2022 година играа само бразилски тимови

ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС

Со денешните три меча во Аргентина и во Боливија почнуваат осминафиналето и трката за трофејот во Копа Либертадорес, клупското фудбалско првенство на Јужна Америка.
Има неколку дерби-дуели, како средбата на бразилските ривали Атлетико Минеиро и Палмеирас, додека актуелниот шампион Фламенго ќе ја пречека Олимпија од Парагвај. Аргентинските ривали Бока јуниорс и Ривер Плата имаат потенцијален пат да се сретнат во финалето, на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, откако се најдоа на две различни страни на ждрепката.
Меѓу 16-те најдобри тима сезонава Бразил има најмногу претставници, шест, потоа се Аргентина со четири, Колумбија со два, а по еден тим имаат Парагвај, Боливија, Уругвај и Еквадор.
Осумте дуела на осминафиналето во 64-то издание на Копа Либертадорес се играат од денеска до четврток, а реваншите се идната недела. Новиот првак на Јужна Америка ќе се пласира на две светски клупски првенства, на тоа годинава и на првиот проширен шампионат, во 2025 година.
Во претходните четири години прваци на Јужна Америка беа тимови од Бразил, и тоа Фламенго и Палмеирас по двапати, а во финалињата во 2020, 2021 и во 2022 година играа само бразилски тимови. Н.М.