Џуд Белингам (19), плејмејкерот на германскиот фудбалски бундеслигаш Борусија Дортмунд, во следната сезона ќе игра за шпанскиот Реал Мадрид. Англискиот репрезентативец три сезони играше за Борусија Дортмунд.
Трансферот вреди 103 милиони евра, а Белингам, кој потпиша шестгодишен договор со Реал Мадрид и кој кариерата ја почна во Бирмингем сити, ќе биде претставен како играч на Реал Мадрид на денешната церемонија, пишува „Би-би-си“. Белингам е прогласен за фудбалер на сезоната во Бундеслигата, а во октомври лани испиша историја со тоа што стана најмладиот капитен на клубот на возраст од 19 години.
Трансфер-сумата значи дека тој станува вториот најскап англиски фудбалер и второто најскапо засилување на Реал Мадрид, пишува „Би-би-си“. Белингам настапи на 42 меча за Борусија во сезоната 2022/2023, постигна 14 гола и забележа седум асистенции.