Фото: ЕПА

Со триумф утре на мечот дома со Вердер, тимот од Леверкузен би ја освоил првата титула во Германија, а ако остане непоразен во следните шест кола би станал и првиот тим што завршил цела сезона во Бундеслигата без пораз. Згора, клубот е во игра за тројна круна, за трофеи во Бундеслигата, Купот на Германија и во Лига Европа

ФУДБАЛ

Уште една победа. Тоа е сѐ што ги делат Чаби Алонсо и Баер од титула во германската фудбалска Бундеслига. Тимот од Леверкузен е подготвен да направи чекор напред од петте претходни пласмани на второто место и да ја прекине серијата на Баерн од 11 титули по ред. Титулата ќе биде доказ за, како што се чини, непоколебливата самодоверба во тимот што беше во зоната за испаѓање кога Алонсо ја презеде тренерската функција во октомври 2022 година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Во многу клучни натпревари во текот на сезоната го имавме овој менталитет, овој карактер да се вратиме, да не се откажуваме во тешки ситуации и тоа значи многу. Тоа кажува многу за тимскиот дух што го имавме цела година – рече Алонсо.
Победа на дуелот со Вердер утре ќе му ја обезбеди титулата, поради во тој случај недостижната предност пред второпласираниот Баерн, и ќе му ја даде на тимот на Алонсо првата титула во сезона, која допрва би можела да заврши со тројна круна, со трофеи во Бундеслигата, Купот на Германија (се пласира во финалето, ќе игра со Кајзерслаутерн) и во Лига Европа (четвртфиналист, победи дома во првиот дуел со Вест хем, со 2-0).
Со 24 победи и четири нерешени натпревари досега, Баер е, исто така, на шест натпревари до тоа да биде првиот тим што завршил цела сезона во Бундеслигата без пораз, пишува АП.
Уште пред да заврши сезоната, почнуваат шпекулации за тоа колкав дел од тимот на Алонсо ќе остане за следната сезона, а речиси секој играч во стартната постава би можел да биде баран од другите врвни клубови во Европа, пишува АП. Нивната врска со Алонсо, кој потврди дека останува и покрај интересот од други клубови, може да помогне да остане тимот.
– Сите имаат добро чувство, сите го сакаат тренерот. Тоа можете да го видите на теренот. Сите сме среќни. Тренерот сака да работи со нас. Сите едноставно ја имаме оваа врска, тоа е она што го прави тимот. Откако дојде, го смени Леверкузен… Кога објави дека останува, сите бевме среќни, навивавме – изјави крилниот бек Џереми Фримпонг, пренесе АП. Н.М.