Мора да имате други луѓе околу вас за да ви ја кажат вистината и да имате скромност секогаш да бидете подготвени да се подобрите и да истражувате други мислења и начини да ја завршите вашата работа. Мора да бидете подготвени за тоа и да бидете аналитички за тоа зошто се случиле нештата, вели Артета во интервју за „Скај“
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Арсенал, Микел Артета, вели дека неговиот тим научил важна лекција по минатогодишниот пораз од Брентфорд и признава дека се сомневал во себе по лошиот почеток на „топчиите“ во сезоната 2021/2022. Пред 13 месеци, неговиот Арсенал отиде на гости кај Брентфорд на првиот ден од минатата сезона и загуби со 0-2, што беше почеток на трите порази по ред во почетокот на минатата сезона. Дури и по само еден натпревар и сезоната во зародок, се отвораа прашања во насока на Шпанецот, дали тој е вистинскиот човек да го одведе Арсенал напред, пишува „Скај спорт“.
– Се сомневав во себе, се преиспитував – раскажува тој во ексклузивно интервју за британски „Скај спорт“, во кое говори и за тоа како се чувствувал кога неговата екипа беше на дното по три натпревари. – Ова е дел од патувањето во кое ако сакате да станете подобри, треба да бидете самокритични. Мора да имате други луѓе околу вас за да ви ја кажат вистината и да имате скромност секогаш да бидете подготвени да се подобрите и да истражувате други мислења и начини да ја завршите вашата работа. Начинот на кој сите реагираа по првиот натпревар од сезоната беше голем. Но тоа ви ги кажува очекувањата на фудбалскиот клуб во кој се наоѓате, колкави се страста и љубовта тука за овој клуб и колку брзо можете да ги свртите работите. Мора да бидете подготвени за тоа и да бидете аналитички за тоа зошто се случиле нештата. Една од големите лекции беше: останете смирени во тешките моменти, разберете зошто се случуваат нештата и продолжете понатаму – вели Артета.
Една година подоцна и Арсенал е во врвот на табелата во англиската фудбалска Премиер-лига по позитивниот почеток на сезоната (пет победи, еден пораз, вчера гостуваше токму кај Брентфорд, за останување на првото место на табелата), а Артета е прогласен за менаџер на месецот во Премиер-лигата, за август.
– Но гледам многу работи во кои треба да се подобриме. Одиме во вистинската насока, но можеме да станеме многу, многу подобри – вели Артета за „Скај“.
Артета вели дека неговиот тим треба да ги подобри „маргините на грешка“ во рамките на натпреварот за да избегне резултати како нивниот пораз од Манчестер јунајтед, со 3-1.
– Понекогаш станува збор за маргини, грешки или одлуки што не се во ваши раце – вели Артета.
Тоа не беше очигледно од нивниот натпревар во Премиер-лигата против Манчестер јунајтед, кој заврши со пораз со 1-3. Многу аналитичари сакаат да ги забележат сличностите помеѓу мечот со Брентфорд во минатата сезона и поразот од Манчестер јунајтед сезонава, како што се многу оптимизам пред натпреварот, фаворити на хартија, тотална контрола во играта, но и неефикасност. Но Артета се враќа на лекциите научени во Брентфорд пред една година, користејќи ги истите пораки.
– По мечот со Манчестер јунајтед беше многу едноставно. Го гледав натпреварот и им реков на момците: „Заслуживме да победиме со начинот на кој игравме, но им дадовме две можности да направат нешто во што се исклучително добри“. Тоа беше наша вина. Но треба да продолжите понатаму. Ова е играта во која се решава во различни мали делови од времето, моменти и детали што водат до фудбалскиот резултат – вели тој.