Напаѓачкиот тандем Лионел Меси – Хулијан Алварез беше најзаслужен за убедливата победа на Аргентина над Хрватска од 3-0 со која јужноамериканската селекција се пласираше во финалето на фудбалското Светско првенство во Катар.
Аргентинскиот капитен Лионел Меси го отвори резултатот од пенал во 34-та минута по прекршок на хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ врз Алварез во шеснаесетникот. Алварез ги постигна следните два погодока во 39-та минута по индивидуален пробив на кој му претходеше слаба реакција на хрватската одбрана, а потоа и по извонредна асистенција на Меси во 69-та минута.
Хрватскиот селектор Златко Далиќ се обиде со измени и поофанзивна тактика во вториот дел да ги врати „коцкестите“ во игра, но „гаучосите“ успешно се справија со хрватските напади.
За двократниот светски првак Аргентина ова ќе биде шесто финале на мундијалите, во кое ќе се сретне со подобриот од утрешниот втор полуфинален дуел помеѓу актуелниот бранител на титулата Франција и Мароко (од 20 часот).
В сабота е мечот за третото место, во кој ќе игра Хрватска, додека финалето е закажано за недела.