Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Помина долго време откако победивме. Некаде има проблем. Ќе треба да се обидеме да го решиме. Да се биде на подиумот ќе биде нешто што е извонредно, особено дома во Франција, рече Анри

Откако ѝ помогна на фудбалската репрезентација на Франција да освои трофеи како ефикасен напаѓач, Тиери Анри сака да ги предводи „триколорите“ до долгоочекуваниот олимписки златен медал во неговата нова улога како селектор, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Анри неодамна беше ангажиран за селектор на репрезентацијата за фудбалери до 21 година, а ќе ја води и олимписката селекција на Франција на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година.

Францускиот олимписки тим последен пат освои злато на Игрите во Лос Анџелес во 1984 година, а Анри има намера да го повтори тоа.
– Помина долго време откако победивме. Некаде има проблем. Ќе треба да се обидеме да го решиме. Да се биде на подиумот ќе биде нешто што е извонредно, особено дома во Франција – рече Анри.

Машкиот турнир на ЛОИ е ограничен за фудбалери помлади од 23 години, а дозволени се тројца повозрасни играчи. Анри се надева дека нема да наиде на истите проблеми како неговиот претходник Силвен Рипол, кој на Игрите во Токио настапи без своите најдобри играчи, бидејќи клубовите одбија да ги пуштат, пишува АП. Клубовите не мора да ги ослободуваат играчите за ЛОИ, бидејќи турнирот што го води ФИФА не е вклучен во неговиот меѓународен календар на натпревари, што значи дека Рипол мораше да направи низа промени откако го објави својот тим. Анри рече дека тој и претседателот на Француската фудбалска федерација, Филип Диало, веќе разговараат со француските фудбалски клубови за да избегнат слична ситуација.

Анри ѝ помогна на Франција да ги освои Светското првенство (СП) во 1998 година и Европското првенство (ЕП) две години подоцна, постигнувајќи 51 гол во кариерата со националниот тим. Анри имаше два периода како помошник на селекторот на Белгија, а беше тренер на Монако и на Монтреал. Тој рече дека тие искуства го научиле на многу работи што сака да ги сподели. Другата цел на Анри се квалификациите за младинското Европско првенство во 2025 година во Словачка.
– Имаме два големи настана во наредната сезона. Од една страна, квалификациите за ЕП 2025 за млади фудбалери, а од друга страна, настан што се случува само еднаш во векот, ЛОИ во Париз. Ни требаше некој што ќе може да ги отелотвори олимписките амбиции на федерацијата – рече Диало.