Пред почетокот на натпреварите, доколку ме прашавте дали ќе постигнам толку голови, се разбира дека ќе речев не. Ќе бев среќен и со еден. Десет е во ред, тоа е добра бројка, бидејќи создадовме многу шанси, вели Алер, чии 10 гола му помогнаа на Ајакс да биде најдобар во групата со максимални 18 бода, а по групната фаза, тој е прв стрелец во ЛШ сезонава

Ѕвездата на Ајакс, Себастијан Алер, ќе се обиде да продолжи со постигнувањето голови во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), веќе на вечерашниот прв осминафинален меч со Бенфика во Лисабон. Токму во главниот португалски град Алер постигна четири гола на дебито во ЛШ, во септември лани, кога холандскиот шампион го победи Спортинг со 5-1. Алер, репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, постигна 10 гола во групната фаза во ЛШ, и е првиот играч, по Кристијано Роналдо во 2017 година за Реал Мадрид, што ја затресол мрежата на шесте натпревари во групата.
– Пред почетокот на натпреварите, доколку ме прашавте дали ќе постигнам толку голови, се разбира дека ќе речев не. Ќе бев среќен и со еден – изјави Алер за клупскиот ТВ-канал на Ајакс.
Алер (27) е првиот играч што постигнал четири гола на дебито во ЛШ, по Марко ван Бастен во 1992 година за Милан. Неговите голови му помогнаа на Ајакс да биде најдобар во групата со максимални 18 бода. Тој води на листата на стрелци со 10 гола, еден повеќе од Роберт Левандовски од Баерн. Лани најефикасен со 10 гола беше Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд.

– Десет е во ред, тоа е добра бројка, бидејќи создадовме многу шанси. Можев да постигнам повеќе, но 10 гола е навистина одлична бројка – вели Алер.
Тој пристигна во Ајакс лани во јануари од Вест хем. Неодамна, 50-от меч за Ајакс и победата над Твенте со 5-0 ги обележи со хет-трик. Сезонава тој постигна 28 гола на исто толку меча во сите натпреварувања, вклучувајќи и шест на четирите меча на Купот на нациите на Африка. Ајакс е на лидерската позиција во Холандија со пет бода пред ПСВ Ајндховен. Екипата на тренерот Ерик Тен Хаг повторно е подготвена да стигне далеку во ЛШ, три години откако за малку не се пласира во финалето, со младите ѕвезди Матијас де Лихт и Френки де Јонг. Сегашниот тимот во кој се Душан Тадиќ, бразилскиот интернационалец Антони, Дејви Класен и Стивен Бергуис, исто така, има успешна сезона.
Бенфика се квалификува во осминафиналето елиминирајќи ја Барселона. Но тренерот Жорге Жесус беше отпуштен на крајот на декември, а на негово место дојде Нелсон Верисимо. Оттогаш Бенфика го загуби финалето на Лига-купот од Спортинг и има негатива од 12 бода зад лидерот во португалската лига, Порто. Бенфика може да се пофали со напаѓачот, Уругваецот Дарвин Нуњез, кој сезонава постигна 23 гола, меѓу кои е и погодокот во победата над Барселона со 3-0 во септември.