Бастија е многу поуспешна од Ајачио. Победници се во Купот на Франција во 1981 г., а беа блиску и до европски триумф во 1978 г., но во финалето на Купот на УЕФА загубија од ПСВ Ајндховен. Тие поминаа вкупно 34 сезони во француската Прва лига, во споредба со 13-те на Ајачио

ФУДБАЛ – ФРАНЦИЈА

На Корзика денеска се игра големото островско дерби, Ајачио – Бастија, натпревар што може да има значителни импликации за двата тима, кои се на спротивните краеви на табелата. Ајачио е трет, еден поен зад Париз и шест помалку од лидерот Тулуз, на 11 меча до крајот, и има шанси да се пласира во Лига 1, по осумте последователни кампањи во Лига 2. Бастија е 15-та меѓу 20 тима, со два бода над последната тројка и се бори за опстанок.
– Кај Ајачио постои комплекс на инфериорност кон Бастија поради спортското минато и она што го претставува на Корзика. Но навивачите на Бастија се загрижени поради сегашната спортска надмоќ на Ајачио – вели Дидие Реј, професор на Универзитетот во Корзика, специјализиран за корзикански фудбал.
Фудбалското ривалството географски го дели медитеранскиот остров Корзика меѓу главниот град Ајачио на југозапад и Бастија на североисток.
– Бастија се смета за поприродна, автентична Корзика во споредба со Ајачио, кој е пометрополитски. На претходниот натпревар навивачите на Бастија напишаа графити „Добре дојдовте на Корзика“. Тоа го подели островот – вели Томас Андреди, навивач на Бастија.

Фудбалот на островот на убавината е нераскинливо поврзан со политиката и со борбата за независност и дуелите против тимовите од копното често се вжештени. Во 2014 г., 44 полицајци беа повредени во насилствата на мечот Бастија – Марсеј, а во 2016 г. беше нападната полициска станица по мечот со Ремс. Бастија беше казнета со три меча суспензија на стадионот во 2017 г., откако навивачите го навредуваа напаѓачот на Ница, Марио Балотели, на расна основа.
– Бастија е историски клуб. Многумина го сметаат за клуб што вистински го претставува корзиканскиот народ, на некој начин е „националниот“ тим на Корзика. Има многу повеќе навивачи од Ајачио и ги има низ цела Корзика, вклучувајќи и во Ајачио. Спротивното не постои – вели Реј.
Бастија е многу поуспешна од Ајачио. Победници се во Купот на Франција во 1981 година, а беа блиску и до европски триумф во 1978 година, но во финалето на Купот на УЕФА загубија од ПСВ Ајндховен. Тие поминаа вкупно 34 сезони во француската Прва лига, во споредба со 13-те на Ајачио.

– Дербито против Бастија е многу важно за навивачите оти станува збор за регионална надмоќ. И надвор од фудбалот, Ајачио и Бастија секогаш биле ривали, постои силен антагонизам меѓу двата града. Атмосферата меѓу „ултрашите“ на двата клуба може да биде тензична, особено на мечевите. Во минатото се случија многу инциденти поради што е забрането патувањето на навивачите на гостинските дуели – вели Антони Тоњети, навивач на Ајачио.
Бастија претрпи и трагедија. Во 1992 година се урна монтажната трибина на стадионот, на која требаше да се сместат дополнителни навивачи пред почетокот на мечот против Марсеј во полуфиналето на Купот на Франција. Притоа загинаа 18 луѓе, а повеќе од 2.000 беа повредени. Како знак на почит, повеќе не се играат натпревари на 5 мај.