Студијата од 2015 година покажа дека 38 отсто од активните професионални играчи пријавиле симптоми на депресија, велат од ФИФПро на својата интернет-страница
Европскиот оддел на Унијата на професионални фудбалери (ФИФПро) беше домаќин на десетина фудбалери и 30 фудбалски синдикати на работилницата за ментално здравје во Хофдордор, Холандија. Целта беше да им се помогне на синдикатите да ја кренат свеста за менталното здравје и да ги поддржат играчите со прашања како анксиозноста и депресијата.
Според истражувањето на ФИФПро, фудбалерите имаат поголема веројатност да имаат такви проблеми отколку остатокот од населението. Студијата од 2015 година покажа дека 38 отсто од активните професионални играчи пријавиле симптоми на депресија, велат од ФИФПро на својата интернет-страница.
На дводневната работилница фудбалерите зборуваа за справување со стресни моменти, како што е повреда поради која се завршува кариерата, потоа правењето клучна грешка на натпревар, како и заминувањето во странство.
– Јавното мислење за менталното здравје во елитниот спорт се менува и спортистите се во првите редови на менување на тоа како општеството се справува со овие широкораспространети здравствени проблеми. Ова е охрабрувачко, но во исто време повеќето играчи уште не ја добиваат потребната поддршка. Работилницата е дел од пошироката иницијатива на ФИФПро за изградба на системи за поддршка на нашите играчи низ земјите-членки – вели Јонас Баер-Хофман, генерален секретар на ФИФПро Европа.
Мајкл Бенет, раководител на одделот за здравје во Асоцијацијата на професионални играчи на Англија, изјави дека 24-часовната телефонска линија за помош за играчите, која ја формира синдикатот, обезбедува поддршка за стотици фудбалери секоја година.
– Конференцијата беше идеална можност за поврзување и за учење еден од друг во продолжувањето со стремежите да обезбедиме најдобра можна поддршка за нашите членови. Она што беше јасно беше длабоката посветеност што сите членови на ФИФПро треба да ја имаат за да се обезбеди благосостојба на играчите – вели Бо Буш, менаџер за развој на играчи во Австралија.
ФИФПро информира дека сесиите на работилницата вклучуваа идентификување играчи што се изложени на ризик за проблеми со менталното здравје, советување за тоа како да се справат со стресот и создавање референтна мрежа на здравствени работници. Претставници од рагбисти од Ирска, Здружението на професионални играчи на крикет од Велика Британија и холандскиот фудбалски клуб Витесе беа меѓу оние што споделија информации за нивната работа во врска со менталното здравје.
Поранешниот холандски репрезентативец во брзо лизгање Стефан Гроотуис, амбасадор на Холандската асоцијација за депресија, раскажа како се борел со вознемиреност, несоница и со депресија пред да освои златен медал на Зимските олимписки игри во 2014 година.