На досега одиграните 70 меча, 40 отсто резултираа со победа на домашните тимови, а 31 отсто на гостинските. Тоа е значајна разлика во споредба со истата фаза од минатата сезона, кога на 46 отсто од средбите победуваа гостите

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Откако се врати публиката на трибините, како да се врати предноста на домашниот терен во англиската фудбалска Премиер-лига, што го врати чувството за нормалност, по ланската сезона погодена од ковид-19 што го поништи тој тренд, пишува „Ројтерс“.
Повеќето натпревари минатата сезона се играа на празни стадиони поради ограничувањата за ковид-19, со што рамнотежата се смени до тој степен што гостинските тимови победија на повеќе мечеви од домашните, невидено сценарио во најдобрата англиска лига. По седум кола во новата сезона, статистиката на „Нилсен Грејснот“ покажува дека постои поголема веројатност тимовите што играат пред домашните гледачи да победат. На досега одиграните 70 средби, 40 отсто резултираа со победа на домашните тимови, а 31 отсто на гостинските. Тоа е значајна разлика во споредба со истата фаза од минатата сезона, кога на 46 отсто од мечевите победуваа гостите. Таквиот тренд продолжи до крајот, при што победите на гостите сочинуваа 40 отсто, наспроти 38 отсто на домаќините. Тогаш првпат во најдобрите четири дивизии во Англија се случи во една сезона да има повеќе победи на гостинските отколку на домашните тимови. Претходно во британскиот фудбал, само шкотската Премиер-лига во сезоната 1991/92 заврши со повеќе победи на гостите.
Главен фактор за такво нешто се сметаа празните стадиони, но со укинувањето на ограничувањата во Англија, атмосферата на стадионите се врати во нормала.
– Без гледачи на стадионите во Премиер-лигата минатата сезона, гостинските екипи победија на 46 отсто од натпреварите во првите седум кола, што е многу повеќе од 29-те отсто една сезона порано. Со враќањето на публиката, резултатите се вратија на нивоата пред ковид-19 – изјави за „Ројтерс“ Сајмон Глив, главен за спортска аналитика при „Нилсен Грејснот“.
Домашните тимови сезонава упатиле и повеќе удари на гол од гостинските, 55 отсто. Лани по седум кола, тој однос беше 50-50. Враќањето на публиката, исто така, се чини дека влијаеше и врз ефектот на домашните тимови во втората по квалитет лига, во дивизијата Чемпионшип.
– Шемата е слична како и во Премиер-лигата. Победите на гостите се зголемија од 30 отсто во сезоната 2019/2020 на 35 отсто во првите 11 рунди од ланската сезони кога немаше гледачи на трибините. Сезонава, на 28 отсто од 132-та натпревари победија гостите – вели Глив.