Овој проект, или еден многу сличен, ќе се придвижи напред, се надевам многу скоро, изјави Перез за весникот „Ас“
ФУДБАЛ
Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, инсистира на тоа дека со фудбалската суперлига не е сѐ готово и вели дека 12-те клуба имаат „обврзувачки договори“ и „не можат да заминат“. Девет од 12-те клуба, Ливерпул, Арсенал, Челси, Тотенхем, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Атлетико, Интер и Милан, се повлекоа откако проектот наиде на жестоки реакции, а Реал Мадрид, Барселона и Јувентус уште се „во игра“.
– Не треба да објаснувам што е обврзувачки договор, тоа практично значи дека клубовите не можат да си заминат. Некои од нив, поради притисокот, го сторија тоа, но овој проект, или еден многу сличен, ќе се придвижи напред, се надевам многу скоро – изјави Перез за весникот „Ас“.
Од друга страна, претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, за „Асошиејтед прес“ изјави дека клубовите што уште не се откажале од суперлигата, мора да го сторат тоа или ќе им биде забрането да играат во Лигата на шампионите (ЛШ).
– Кристално е јасно дека клубовите ќе треба да одлучат. Ако велат дека се за суперлига, тогаш нема да играат во ЛШ – изјави Чеферин.