За мене беше очигледно уште кога првпат го сретнав дека тој е човек што има вистински лидерски квалитети и класа, некој што имаше длабоко познавање на играта, не само за неговата улога како играч од средниот ред туку и како сите парчињата на сложувалката се вклопуваат заедно. Очигледно ги има потребните таленти и вештини за да биде врвен менаџер на највисоко ниво, рече поранешниот менаџер на Ливерпул и селектор на Англија, Рој Хоџсон
ФУДБАЛ – СТИВЕН ЏЕРАРД
Фудбалската легенда на Ливерпул, Стивен Џерард, од менаџерското деби во мај 2018 година, со Ренџерс ја освои титулата првак на Шкотска, рекордна 55-та, и ја прекина доминацијата на градскиот ривал Селтик, кој девет години по ред ја освојуваше титулата. Довербата во младиот менаџер се исплатеше бидејќи во првата сезона со Џерард, Ренџерс заостана девет бода зад Селтик, а во втората 13, кога лигата беше прекината.
– Знаев што ме очекува. Не стануваше збор нешто да смениме прекуноќ. Клучен беше разговорот со претседателот, со управата и со директорот. Им реков „Видете, да бидеме реални. Каде сме ние како клуб? Колку е голем јазот што ќе треба да се премости, колку долго време имам?“ Битно во сето тоа беше поддршката, бидејќи тие си го одржаа зборот – вели Џерард.
Европските настапи на Ренџерс сугерираа дека Џерард и тимот се на вистинскиот пат. Искуството на Џерард како играч во европските арени и лидерските квалитети се многу битни, според поранешниот менаџер на Ливерпул и селектор на Англија, Рој Хоџсон. Во 2010 година, неискусниот Ливерпул губеше од Наполи дома во Лига Европа. Капитенот беше на клупата во првото полувреме, но влезе во игра во вториот дел и постигна три гола.
– Тој сам ја смени играта целосно. Тогаш помислив „ова е она што го прават одличните играчи“. Може да им речете „помогнете ми и направете пресврт“ и тие ќе го направат тоа. Тој ја имаше таа решителност, која секогаш е неопходна за да го понесе тимот и да ги поттикне другите околу него да го прават истото тоа. За мене беше очигледно уште кога првпат го сретнав дека тој е човек што има вистински лидерски квалитети и класа. Некој што имаше длабоко познавање на играта, не само за неговата улога како играч од средниот ред туку и како сите парчињата на сложувалката се вклопуваат заедно – вели Хоџсон.
Насмевката на лицето на Џерард по освојувањето на титулата со Ренџерс беше поттикната и поради исполнувањето на сонот да стане шампион во лига што не му успеа како играч на Ливерпул, иако може да се пофали со два ФА-купа, три лига-купа, Лига на шампионите, Куп на УЕФА и Суперкуп.
– Знам дека тој очајно посакуваше да ја освои титулата со Ливерпул и ќе беше пресреќен да биде дел од тој тим, но немаше среќа. Но имаше многу други успеси, не само освојувањето на Лигата на шампионите, што би рекол дека може да се спореди со освојувањето на титула во лигата – вели Хоџсон.
Успехот со Ренџерс сигурно нема да остане незабележан и надвор од Глазгов. Сепак, однесувањето на Џерард сугерира дека заминувањето од Глазгов нема да се случи наскоро.
– Тој може да биде каде што сака. Очигледно ги има потребните таленти и вештини за да биде врвен менаџер на највисоко ниво. Во тој поглед, светот е негов. Неговите успеси како играч и репутацијата како личност, капитен и лидер, ќе го направат неверојатно привлечен за кој било клуб што бара менаџер во иднина. Ако неговата амбиција е еден ден да биде менаџер на Ливерпул, во контекст на тоа што прави во моментот и што може да понуди, ќе биде во добра позиција кога таа работа ќе стане достапна – рече Хоџсон.