Бразилецот Жуниор Месијас (30), кој го постигна голот за победа на Милан против Атлетико (1-0), за задржување на шансите за пласман во осминафиналето, пред три години го имаше професионалното фудбалско деби

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Манчестер сити, ПСЖ, Реал Мадрид, Интер и Спортинг им се придружија на Ајакс, Баерн, Челси, Јувентус, Ливерпул и на Манчестер јунајтед во осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ). Преостанатите пет тима што ќе се пласираат во следната фаза ќе бидат познати по мечевите од последното, шесто коло во групите (7-8 декември), а во игра се 11 екипи (Барселона, Бенфика, Вилјареал, Аталанта, Лил, Салцбург, Севилја, Волфсбург, Милан, Атлетико и Порто). Најизрамнето е во групата Г (Лил, Салцбург, Севилја и Волфсбург), каде што сите четири тима се во трка за првите две места. Третопласираните во групите од оваа сезона ќе разигруваат во плејофот со второпласираните по групи во Лига Европа (ЛЕ). Победниците од тие двојки ќе се играат во осминафиналето со првопласираните од групите.
Милан ги задржа шансите за пласман во осминафиналето, победувајќи го Атлетико на гости со 1-0 со голот на Бразилецот Жуниор Месијас, прв за него на третиот настап во дресот на Милан и на дебито во ЛШ. Ова беше прва победа за Милан сезонава во ЛШ и прва на гости во ова натпреварување по осум години и победата против Селтик во ноември 2013 година, со 3-1. Месијас (30) пред три години го имаше професионалното фудбалско деби. Летово тој пристигна на „Сан Сиро“ од Кротоне како позајмен играч.
– Голот им го посветувам на моето семејство и на пријателите во Бразил. Но особено на оние што веруваа во мене и кои имаа верба да ме донесат во Милан.

Ова е најважното нешто што ми се случило досега. Не смеете да се разочарувате поради критиките или да се радувате премногу поради комплиментите – изјави Месијас.
Во дербито на колото, Манчестер сити го совлада ПСЖ со 2-1. Сити е во одлична форма и е во серија добри резултати, за што сведочи тоа што загуби само еден од минатите 22 дуели во групната фаза во ЛШ (16 победи и пет ремија), од ПСЖ во второто коло. Оваа победа на Сити му го гарантира првото место во групата, петта сезона по ред. Такво нешто му успеало само на уште еден англиски тим откако се игра според овој формат во ЛШ, на Манчестер јунајтед помеѓу 2006/2007 и 2010/2011.
– Чувството на опасност кога ја имаат топката во последната третина е страшно, но, сепак, одигравме добро. По примениот гол имавме проблеми десетина минути, но потоа гледачите нѐ поддржаа и на крајот сѐ добро излезе. Верувам дека кога Меси, Мбапе, Нејмар, Ди Марија се далеку од нашиот гол, ние сме безбедни. Колку се поблиску, наоѓаат простор и многу се добри во нападот. Моравме да се браниме тимски – изјави Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити.


Алер постави нов рекорд

Себастијан Алер ги постигна двата гола за Ајакс на гости против Бешикташ, 2-1, во петтото коло во ЛШ. Тој на петте натпревари постигна девет гола, колку и Роберт Левандовски од Баерн, и влезе во аналите на ЛШ како прв што стигнал до таа бројка на првите пет меча. Претходно рекордер беше Ерлинг Холанд, напаѓачот на Борусија Дортмунд и на Салцбург, со осумте гола на првите пет средби. Алер е најефикасен и во шампионатот на Холандија со девет гола на 13 меча.