Македонија ги загуби двете контролни средби од Србија, но очекувам да бидеме во најдобра форма кога ќе биде најпотребно, на финалниот турнир, на почетокот од јуни во Струмица, истакнува селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ
ОДБОЈКА – СРЕБРЕНА ЛИГА
Задоволен сум од прикажаната игра, од залагањето на одбојкарите, од борбеноста на двата меча против Србија, јасно не и од резултатите, оти не сакам порази, па и на пријателски натпревари. Но треба да се има предвид дека игравме против многу квалитетна селекција, која е актуелен европски првак, која порано од нас ги почна подготовките за настапот во Златната лига, па и за одбраната на европската титула во септември, изјави селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ.
Македонија ги загуби двата контролни натпревара против Србија, во Врњачка Бања и во Велико Градиште (1-3 и 1-3), но одигра добро, а во некои сетови беше и рамноправен ривал.
– Србија играше во комплетен состав, има и многу поголем избор на квалитетни одбојкари за сите позиции од Македонија и е во подобра фирма во моментов. Ние добро тренираме во Струмица, продолжуваме и наредните денови со исто темпо, а очекувам во најдобра форма да бидеме кога ќе биде најпотребно, на финалниот турнир, на почетокот од јуни, на кој ќе бидеме домаќини во Струмица – вели Матијашевиќ.
Во Сребрената лига, Македонија е во групата А, со Данска, Израел и Кипар. Првиот турнир е викендов во Струмица, во салата „Парк“, од 21 до 23 мај, а вториот во Шлагелсе, од 28 до 20 мај. Финалниот турнир е во Струмица, на 4 и 5 јуни, на кој ќе настапат домаќинот Македонија, односно четирите најдобри од двете групи. Во групата Б се Хрватска, Луксембург, Унгарија и Австрија.
– Ние трениравме напорно десетина дена, главно на подобрување на општата физичка кондиција, без многу работа со топка и нозете сѐ уште ни се тешки. Задоволен сум од она што го прикажавме против квалитетната репрезентација Србија и само со вакви натпревари може да се напредува, да се подобрува формата. Ни остануваат уште неколку дена за тренинзи, потоа е првиот, па вториот турнир, серија од шест меча што треба да ни помогнат во најдобра форма да го дочекаме завршниот турнир – изјави капитенот на македонска репрезентација, Никола Ѓорѓиев.
Македонија е фаворит за триумф во Сребрената лига, во која трипати беше втора (2015, 2016, 2017) и еднаш трета (2014). Освојувањето на првото место ќе значи и можност за настап во Златната лига во 2022 година.
Сребрена лига, прв турнир
Петок, 21 мај
Данска – Израел (17 часот)
Македонија – Кипар (21 ч.)
Сабота, 22 мај
Данска – Кипар (17 ч.)
Македонија – Израел (20 ч.)
Недела, 23 мај
Израел – Кипар (17 ч.)
Македонија – Данска (21ч.)