Тоа е мојот сон од мојата 11-та година, вели Лукаку по првите голови на стадионот „Стамфорд бриџ“, во победата на Челси, со која стана само вториот во историјата на англиската Премиер-лига што имал 600 победи во натпреварувањето

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА НА АНГЛИЈА

Напаѓачот на Челси, Ромелу Лукаку, рече дека постигнувањето голови на стадионот „Стамфорд Бриџ“ е нешто за што сонувал уште од детството, откако постигна два гола во победата на Челси над Астон Вила, во меч од англиската фудбалска Премиер-лига, пренесе „Би-би-си“. Белгиецот ги постигна своите први голови на стадионот, а тимот на тренерот Томас Тухел го одржа својот почеток на сезоната без пораз.
– Тоа е мојот сон од мојата 11-та година. Работев напорно за овој момент. Бев горе-долу на почетокот на мојата кариера, но најдов одредена конзистентност во последните три години. Со искуство и со напорна работа, само продолжувам да работам. Ова е добар почеток, но мора да продолжиме да работиме. Знаеме дека годинава ќе биде многу конкурентна. Многу тимови ќе се борат за титулата – рече Лукаку.
Победата ја носи екипата на тренерот Томас Тухел до второто место, израмнета со бодови со лидерот Манчестер јунајтед. Клубот достигна значајна победа, бидејќи со неа стана само вториот тим во историјата на англиската Премиер-лига што имал 600 победи во натпреварувањето (Манчестер Јунајтед има 690), пишува „Би-би-си“.