Свечената церемонија ќе се одржи на 29 ноември во Париз, но нема јасен фаворит за добивање на признанието на магазинот „Франс фудбал“ за фудбалер на годината

ФУДБАЛ – НОМИНАЦИИ ЗА „ЗЛАТНАТА ТОПКА“

На речиси два месеца до прогласување на годинашниот добитник на „златната топка“, магазинот „Франс фудбал“ ги објави имињата на 30-те номинирани за наградата, која минатата година не се додели поради пандемијата на ковид-19. Свечената церемонија ќе се одржи на 29 ноември во Париз, но нема јасен фаворит за добивање на признанието, односно ова би требало да биде една од најнеизвесните трки за „златната топка“ во претходните децении.
Од Лионел Меси и Кристијано Роналдо до Роберт Левандовски и Жoржињо, постојат причини секој од 30-те кандидати да ја добие наградата. Меси е во мала предност по ланската успешна кампања во дресот на Барселона и по триумфот на Копа Америка со Аргентина. Жоржињо ја освои Лигата на шампионите (ЛШ) со Челси и победи на Европското првенство (ЕП) со Италија. Во меѓувреме, Левандовски во дресот на Баерн го собори рекордот на Герд Милер според бројот на постигнати голови во една сезона во Бундес-лигата, 41. Џанлуиџи Донарума е единствениот номиниран голман, а Манчестер сити и Челси имаат најмногу кандидати за признанието, по пет.
„Златната топка“ се доделува од 1956 година, а повеќе од еднаш победници биле Меси (шест пати), Кристијано Роналдо (пет пати), Мишел Платини, Јохан Кројф, Марко ван Бастен (по трипати), Франц Бекенбауер, Роналдо, Алфредо Ди Стефано, Кевин Гиген и Карл-Хајнц Румениге (по двапати).
Во гласањето ќе бидат вклучени новинари, како и селектори и капитени на репрезентациите. Меси и Роналдо освоија 11 од претходните 12 „златни топки“. Хрватот Лука Модриќ, играчот од средниот ред на Реал Мадрид, е единствениот што ја прекина нивната доминација во 2018 година.


Номинирани се 30 фудбалери од 15 клуба

За „златната топка“ за годинава се номинирани 30 фудбалери од 15 клуба од пет земји. Номинирани се: голман: Џанлуиџи Донарума (ПСЖ); одбрана: Леонардо Бонучи, Џорџо Кјелини (двајцата од Јувентус), Симон Кјаер (Милан), Цезар Аспиликуета (Челси), Рубен Дијас (Манчестер сити); среден ред: Н’Голо Канте, Мејсон Маунт, Жоржињо (тројцата од Челси), Николо Барела (Интер), Бруно Фернандес (Манчестер јунајтед), Педри (Барселона), Лука Модриќ (Реал Мадрид), Кевин де Брујне, Фил Фоден (двајцата од Манчестер сити); напаѓачи: Ријад Марез, Рахим Стерлинг (двајцата од Манчестер сити), Ерлинг Холанд (Борусија Дортмунд), Хари Кејн (Тотенхем), Карим Бензема (Реал Мадрид), Лионел Меси, Нејмар, Килијан Мбапе (тројцата од ПСЖ), Лаутаро Мартинез (Интер), Роберт Левандовски (Баерн), Мохамед Салах (Ливерпул), Ромелу Лукаку (Челси), Кристијано Роналдо (Манчестер јунајтед), Жерар Морено (Вилјaреал) и Луис Суарез (Атлетико).