ФУДБАЛ – ПО ТРАНСФЕРОТ НА РОДРИГЕЗ ВО ЕВЕРТОН

Италијанскиот стручњак Карло Анчелоти третпат ќе го тренира колумбискиот фудбалер Хамес Родригез (29), откако најдобриот стрелец на Светското првенство (СП) во 2014 година потпиша двегодишен договор со англискиот премиерлигаш Евертон, пишува „Би-би-си“. Анчелоти му беше тренер на Родригез во Реал Мадрид и во Баерн.
– Јас сум навистина среќен што сум во овој голем клуб, клуб со толку многу историја и кај менаџер што ме познава навистина добро. Очекувам да постигнам големи работи тука и да освојам трофеи, што е целта на сите. Дојдов да се обидам да напредувам, да му помогнам на тимот да победува, да игра добар фудбал, забавен фудбал. Убеден сум дека со Карло и со неговиот технички персонал можеме да постигнеме големи работи и една од најголемите причини што потпишав беше присуството на Карло Анчелоти. Уживав неколку убави периоди со него претходно во два различни клуба. Тоа беше огромна причина да дојдам тука – изјави Родригез, пренесе „Би-би-си“.

Родригез освои по две шпански и европски титули со Реал, уште двапати беше германски првак со Баерн, како позајмен играч од Реал. Тој има и три титули со Порто во Португалија, каде што стана најмладиот играч прогласен за фудбалер на годината. Потоа замина во Монако, каде што постигна 10 гола и 14 асистенции на 38 меча пред да импресионира на глобалната сцена и со шест гола да биде најдобар стрелец на СП 2014, пишува „Би-би-си“.
– Родригез, како што знаат сите, е фантастичен играч со многу квалитет и со голема способност да асистира. Тој е навистина возбуден од проектот на клубот и од фактот што сакаме да се подобриме и не потрошив време да го убедам, тој веќе беше убеден – вели Анчелоти.

Во англиското првенство во новата сезона ќе играат двајца фудбалери што се освојувачи на „златната копачка“ на светските првенства (СП). Англичанецот Хари Кејн игра за Тотенхем, а тој беше најдобар стрелец на Мундијалот во 2018 година во Русија. Сезонава во Премиер-лигата ќе настапува и Колумбиецот Хамес Родригез, кој беше прв стрелец на СП во 2014 година во Бразил. Двајцата ја освоија „златната копачка“ со по шест гола.