Голманот на Јувентус има најмногу прволигашки мечеви во Италија, 648, а од претходно е рекордер во категоријата најмногу настапи во најсилните пет домашни првенства во Европа (Англија, Италија, Франција, Шпанија и Германија), сега со 665 меча. Во другите четири најсилни првенства на водечките позиции се Зубизарета во Шпанија, Ландро во Франција, Кербел во Германија и Бари во Англија (откако се игра Премиер-лигата, од 1992 година)
Џанлуиџи Буфон (42) во саботата стана фудбалер со најмногу настапи во Серија А, откако 648. пат беше на голот во меч во најсилната лига на Италија, во мечот на Јувентус против градскиот ривал Торино. Голманот на Јувентус во сениорската кариера што трае од 1995 година, во Италија играше и за Парма. Буфон за еден меч го собори рекордот на некогашниот лев бек на Милан, Паоло Малдини.
Но со овој рекорд за Серија А, Буфон сега држи два индивидуални рекорда, оти е и играч со најмногу настапи во најсилните пет домашни првенства во Европа (Англија, Италија, Франција, Шпанија и Германија). Покрај во Италија, Буфон настапуваше и во Франција и има 17 меча за Пари сен Жермен, со што сега има вкупно 665 прволигашки натпревари, пишува „Би-би-си“. Буфон со Јувентус има девет титули и четири купа на Италија, а еден таков трофеј освои и со Парма, со која славеше и во Купот на УЕФА (сега Лига Европа), во 1999 година. Една титула има и со ПСЖ. Со репрезентацијата на Италија, пак, Буфон беше светски првак во 2006 година.
Од другите четири првенства од „лига петка“ на водечките позиции со најмногу настапи се уште двајца голмани, Андони Зубизарета во Шпанија и Микаел Ландро во Франција, еден одбранбен играч, Карл-Хајнц Кербел во Германија и еден фудбалер од средниот ред, Герет Бари во Англија, но откако се игра Премиер-лигата, од 1992 година (според информациите, вкупен рекордер е голманот Питер Шилтон).
АНГЛИЈА: Плејмејкерот Бари (39) од 1998 до 2018 година одиграл 653 меча за Астон вила, Манчестер сити, Евертон и за Вест Бромвич албион. Тој сега игра за ВБА, во дивизијата Чемпионшип. За репрезентацијата на Англија Бари има 53 настапи од 2000 до 2012 година. Бари беше првак со Манчестер сити во 2012 година.
ГЕРМАНИЈА: Одбранбениот фудбалер Кербел (65) од 1972 до 1991 година одиграл 602 меча во 19 сезони во Бундес-лигата, сите за Ајнтрахт Франкфурт. Со клубот освоил четири купа на Германија (1974, 1975, 1981 и 1988 година) и славел во Купот на УЕФА во 1980 година. За репрезентацијата на Германија Кербел одиграл шест меча од 1974 до 1975 година.
ШПАНИЈА: Голманот Зубизарета (58) одигра 622 меча во најсилната лига на Шпанија, од 1980 до 1998 година, за Атлетик (Б), Барселона и за Валенсија. Тој двапати беше првак на Шпанија со Атлетик и четири пати со Барселона, со која беше и европски првак во 1992 година. Зубизарета има 126 настапи за репрезентацијата на Шпанија.
ФРАНЦИЈА: Голманот Микаел Ландро (41) во најсилната лига на Франција настапи на 618 меча, од 1997 до 2014 година, за Нант, ПСЖ, Лил и за Бастија. Двапати беше првак на Франција, со Нант (2001 година) и со Лил (2011 година). За репрезентацијата на Франција тој има 11 настапи од 2001 до 2007 година и освои сребро од Светското првенство во 2006 година.
НАЈМНОГУ НАСТАПИ ВО НАЈСИЛНИ ПЕТ ПРВЕНСТВА
ЗЕМЈА ИГРАЧ МЕЧЕВИ
Англија Герет Бари 653
Италија Џанлуиџи Буфон 648
Шпанија Андони Зубизарета 622
Франција Микаел Ландро 618
Германија Карл-Хајнц Кербел 602
најсилни пет лиги Џанлуиџи Буфон 665