Првиот собир е во вторник, закажани се два тест-меча во Скопје, со Словенија и со Казахстан, а на дебитантското ЕП, Македонија ќе игра со Австрија, Украина и со Холандија

СЕЛЕКТОРОТ ГИ СООПШТИ ФУДБАЛЕРИТЕ ЗА НАСТАП НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Одиме со желба за надигрување и ќе ја грабнеме секоја шанса за позитивен резултат и пласман во втората фаза, изјави селекторот на репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски, соопштувајќи ги имињата на 26-те фудбалери на кои ќе смета за натпреварите на Европското првенство (ЕП) годинава (11 јуни – 11 јули).
Македонија ќе дебитира на ЕП, а во групата Ц ќе игра со Австрија (13 јуни, во Букурешт), Украина (17 јуни, во Букурешт) и со Холандија (21 јуни, во Амстердам). Во осминафиналето на ЕП ќе се пласираат првопласираните две селекции од секоја од шесте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните.
– Тоа ќе биде незаборавно доживување за сите, а лично се обидувам да останам мирен и максимално да се концентрирам за она што нѐ очекува на ЕП. Против Германија покажавме дека можеме рамноправно да играме и против најдобрите во Европа. Со Австрија игравме во европските квалификации и двапати загубивме, а со Украина и со Холандија долго немаме играно. Украина е многу квалитетна репрезентација предводена од Шевченко, со Јармоленко, Зинченко, фудбалери од Шахтар и од Динамо Киев, а сезонава Шахтар двапати го победи Реал Мадрид. Холандија е светска велесила, расадник на огромни таленти. Затоа очекувам од фудбалерите максимална самодоверба во сите натпревари – вели Ангеловски.
Во составот на репрезентацијата се стандардните фудбалери од минатите мечеви, а вклучени се и играчи од младата репрезентација.

– Милан Ристовски, Дарко Чурлинов и Ристе Јанков се нашата иднина, затоа се на нашиот список. Со својот квалитет сметам дека можат да придонесат во А-тимот и да соберат искуство, бидејќи очекувам во наредните години да бидат стандардни првотимци. Жалам за отсуството на Илија Несторовски, со нас е пет години и вредно работеше со сите нас да се пласираме на Европското првенство. Навивачите се навикнаа на успеси, сега бараат да бидеме европски шампиони. Јас прв верував во играчите и очекувам максимум од нив на секој натпревар – рече меѓу другото Ангеловски, пренесува Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Првиот собир е во вторник, а закажани се два тест-меча во Скопје, со Словенија на 1 јуни и со Казахстан три дена подоцна.


МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2020

ГОЛМАНИ
Столе Димитриевски
Дамјан Шишковски
Ристе Јанков
ОДБРАНА
Стефан Ристовски
Висар Муслиу
Егзон Бејтулаи
Кире Ристевски
Ѓоко Зајков
Дарко Велковски
Езџан Алиоски

СРЕДЕН РЕД
Аријан Адеми
Енис Барди
Стефан Спировски
Бобан Николов
Тихомир Костадинов
Ферхан Хасани
Елиф Елмас
Даниел Аврамовски
Дарко Чурлинов
Марјан Радески

НАПАД
Горан Пандев
Александар Трајковски
Иван Тричковски
Влатко Стојановски
Крсте Велковски
Милан Ристовски

Селектор: Игор Ангеловски


РАСПОРЕД НА МЕЧЕВИ

Словенија 1 јуни, Скопје, тест-меч
Казахстан 4 јуни, Скопје, тест-меч
Австрија 13 јуни, Букурешт, 1. коло на ЕП
Украина 17 јуни, Букурешт, 2. коло на ЕП
Холандија 21 јуни, Амстердам, 3. коло на ЕП
првиот собир е на 25 мај, во Скопје