Светската фудбалска федерација (ФИФА) донесе одлука на Светското првенство (СП) за жени 2023 година да настапат 32 селекции, наместо како досега 24. Оваа одлука на ФИФА следува по „зачудувачкиот успех“ на последното СП што летово се одржа во Франција.
Понудите за организација на СП 2023 требаше да бидат доставени до 4 октомври, но поради зголемувањето на бројот на репрезентациите од 24 на 32, ФИФА го продолжи рокот до декември. Разгледувањето и оценувањето на понудите треба да заврши до април следната година, а одлуката за организатор на СП 2023 да се донесе во мај 2020 година.
Земји што беа заинтересирани за турнир со 24 репрезентации се Аргентина, Австралија, Боливија, Бразил, Колумбија, Јапонија, Јужна и Северна Кореја (заедничка понуда), Јужна Африка и Нов Зеланд.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, рече дека целта е „да се задржи моментот и да се преземат конкретни чекори за поттикнување на развојот на женскиот фудбал“.
– Експанзијата достигнува многу поголемо ниво од осумте дополнителни селекции на финалниот турнир. Тоа отсега ќе значи дека повеќе асоцијации, ќе организираат свои женски натпреварувања, знаејќи дека имаат реална шанса да се квалификуваат на финалниот турнир. СП има најголемо влијание за професионализацијата на женскиот фудбал, но тоа е само еднаш на четири години и е само врвот на многу поголемата пирамида – изјави Инфантино.