Црномурестите фудбалери на англиската репрезентација беа изложени на расистички навреди од дел од бугарските навивачи за време на квалификациски меч за Европското првенство во 2020 година одигран на 14 октомври 2019 година, што претставуваше соочување со расизмот за европскиот фудбал, наведува Си-ен-ен. Снимките од навредливото скандирање и нацистичките поздрави беа пренесени ширум светот и многумина веруваа дека тоа ќе биде пресуден момент во борбата против расизмот во фудбалот.
Но Европската фудбалска унија (УЕФА) беше критикувана откако донесе забрана од еден меч без публика и казна од 83 илјади долари за Бугарија поради скандалот, бидејќи многумина сметаа дека тоа е преблага казна, особено за државата која имаше претходни расистички инциденти. Антирасистичката организација „Кик ит аут“ и Асоцијацијата на професионални фудбалери сметаа дека отсуството на претставници на останатите раси во дисциплинската комисија на УЕФА претставува причина за неефективните казни за расизам. Како одговор, УЕФА годинава првпат назначи црномурести претставници во дисциплинското тело, а нагласи и дека воведува нови практики во борбата против расизмот.
Инстаграм и Твитер сега се цели на критики бидејќи не ги штитат доволно црнoмурестите фудбалери од расистички навреди кои ги добиваат на нивните платформи. Според „Кик ит аут“, расистичките навреди на социјалните мрежи забележале раст од 229 отсто во однос на минатата година, а црномурестите фудбалери се „исплашени“ да ги користат социјалните мрежи поради расизмот, како што истакна Вилфед Заха од англиски Кристал Палас, кој и самиот беше цел на навреди. Тој престанал да користи Твитер на телефонот поради бројните навреди кои ги добивал. Треба да се истакне и дека „Фејсбук“ покрена инцицијатива за едукација на навивачите за пријавување на расизмот, а претставници на „Твитер“ редовно одржуваа состаноци со луѓе од фудбалот по повод ова прашање.
– Сепак, се стекнува мислење дека една година по расистичкиот испад во Бугарија, ништо не е сменето. А инцидентот требаше да претставува повод за промени и за испраќање порака низ светот. Луѓето кои се на водечките позиции ќе ви кажат дека работите се сменети, дека законите се заострени и дека заземале поцврст став кога станува збор за расизмот. Но вистината е дека нема напредок во однос на ноќта во Софија пред 12 месеци – заклучува Си-ен-ен.