Левандовски надмина уште еден рекорд на Милер во Бундес-лигата, сега со 43-от првенствен гол во 2021 година. Тој вкупно има 69 гола во сите натпреварувања, колку и Роналдо во 2013 година, а Меси го држи вкупниот рекорд од 91 гол во 2012 година

ФУДБАЛ – ГОЛОВИ ВО ЕДНА ГОДИНА

Роберт Левандовски собори уште еден рекорд на великанот на Баерн, Герд Милер, откако го постигна својот 43-ти гол во германската фудбалска Бундес-лига во 2021 година, во победата на Баерн над Волфсбург со 4-0. Рекордот на Милер беше 42 гола во 1972 година.
Со тој погодок, Левандовски стигна до 69-от гол во календарската 2021 година, израмнувајќи се со остварувањето на Кристијано Роналдо во 2013 година. Лионел Меси го држи вкупниот рекорд од 91 гол поставен во 2012 година, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“ на својата интернет-страница.
Левандовски го собори рекордот на Милер и според постигнати првенствени голови во една сезона, постигнувајќи 41 во минатата сезона, откако рекордниот погодок го постигна во последната минута од последното коло во победата над Аугсбург со 5-2. Сега повторно доцна ја затресе мрежата за нов рекорд, во 87. минута од мечот со Волфсбург, последен првенствен за Баерн годинава.
Полскиот фудбалер веќе постигна 19 гола сезонава во Бундес-лигата и е во трка за одбрана на наградата „златна копачка“ за најдобар стрелец во една сезона во Европа, која ја освои за минатата сезона.