Во соопштението на Европската клупска асоцијација (ЕКА) се вели дека „со сериозна загриженост и тревога се следат ПР-активностите на ФИФА и реформите во меѓународниот календар на натпревари, особено за воведување СП на две години”
Најавените реформи на календарот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) „ќе доведат до директно и деструктивно влијание врз клупскиот фудбал“, истакнува Европската клупска асоцијација (ЕКА), пренесува „Би-би-си“. ФИФА предложи светски првенства (СП) на секои две години, како дел од ревидираниот меѓународен календар на натпревари (МКН).
Од ЕКА велат дека планираните промени се „директно и еднострано прекршување на одредени законски обврски“ и ја критикуваат ФИФА за недостигот од консултации за реформите. ЕКА, која застапува повеќе од 230 клуба низ целиот континент, вели дека „се потребни промени“ на меѓународниот календар на натпревари, но и дека не е задоволна од плановите и од начинот на кој ФИФА го прави тоа.
Во соопштението на ЕКА се вели дека „со сериозна загриженост и тревога се следат ПР-активностите на ФИФА и реформите во МКН, особено за воведување СП на две години“.
Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека плановите создаваат четири значајни „опасности“ за фудбалот, вклучувајќи и потенцијално губење на престижот на светските првенства, како и загриженост за благосостојбата на фудбалерите. Таа го отфрли и предлогот на Арсен Венгер, според кој новиот распоред ќе ги подобри конкурентските шанси на помалите фудбалски земји.
Во ексклузивното интервју за „Би-би-си“, Венгер, шефот на Светската фудбалска федерација за глобалниот развој на фудбалот, повторно потенцира дека предлозите ќе се справат со „хаосот“ и со „метежот“.
– Покрај значајниот недостиг од вистинска (или каква било) консултација, предлозите на ФИФА ќе доведат до директно и деструктивно влијание врз клупскиот фудбал, на домашен и на меѓународен план. Предлозите ќе ги загрозат здравјето и благосостојбата на играчите и ќе ги намалат вредноста и значењето на клупските натпреварувања во земјите. Сите одлуки може да се донесат само во согласност на фудбалските клубови и во согласност со законски обврзувачките обврски, кои вообичаено не треба да се потенцираат – велат од ЕКА.