ФУДБАЛ – ОДРЕДЕНИ НАЧИНИТЕ ЗА ЗАВРШУВАЊЕ НА СЕЗОНАТА

Ако првенството во Италија пак биде прекинато, ќе се игра плејоф за првак и плејаут за опстанок, а ако воопшто не може да се доигра, за одредување на пласманот за сезонава ќе се примени алгоритам

Италијанскиот фудбалски сојуз (ФИГЦ) ги одобри плановите за играње плејоф и плејаут, па дури и користењето алгоритам за да се одреди конечниот пласман на табелата, доколку сезоната повторно се прекине поради пандемијата на коронавирусот.

Во случај првенството во Серија А, кое беше прекинато на 9 март, повторно да биде прекинато, ФИГЦ утврди дека сезоната ќе се заврши со доигрување за шампионот, за местата што водат во Европа, како и за оние за испаѓање од лигата. Ако тоа не е можно, тогаш ќе се користи алгоритам за да се утврди пласманот за сезонава и во тој случај нема да се прогласи шампион, освен ако е математички сигурно во моментот кога сезоната повторно била запрена.

Вкупниот број на бодови за секој клуб ќе се пресметува врз основа на просечниот број освоени бодови на домашен и на гостински терен, кој потоа ќе се множи со бројот на преостанати натпревари дома и на гости, додавајќи ги веќе освоените бодови, пренесува агенцијата АНСА.

Вкупно 17 прволигашки клуба го одобрија предлогот на Италијанскиот фудбалски сојуз. На табелата во Серија А, моментно води Јувентус со 63 бода (од 26 меча). Првенството и во Серија Б е предвидено да продолжи на 20 јуни, но сезоната во Серија Ц веќе е завршена. Потврдено е дека Виченца, Реџина и Монца влегоа во Серија Б.