Групата е по мера и ми се допаѓа. Освен Русија, од никого не треба да се плашиме. Ќе пробаме да ја изненадиме и Словенија, но, сепак, нашите шанси ќе ги бараме против Финска, Турција и против Белорусија. Немаме искуство од настапи на ЕП, но повеќе години сме заедно и имаме одиграно доста важни мечеви, вели Ѓоргиев, капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија

Одбојкарската репрезентација на Македонија на деби-настапот на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) во септември годинава ќе игра во групата Ц, во Љубљана, со домаќинот Словенија, потоа со бранителот на титулата, Русија, како и со Финска, Турција и со Белорусија.
На ЕП, кое првпат ќе се одржува во четири земји (Франција, Белгија, Словенија и Холандија), првпат ќе настапат 24 репрезентации (првпат и Македонија), поделени во четири групи со по шест селекции, од кои четирите најдобри од секоја група ќе ги продолжат настапите во осминафиналето.
Ако се изземат Русија и Словенија како апсолутни фаворити за место во осминафиналето, шансата на Македонија да се најде меѓу 16-те најдобри на Стариот Континент ќе ја бара во дуелите со Финска, Турција и со Белорусија.

– Групата е по мера и мене ми се допаѓа. Ги избегнавме Бугарија и Германија како што посакував. Дефинитивно Русија е фаворит број 1 во групата, а сите други се во игра за пласман во нокаут-рундата. Освен од Русија, од никого не треба да се плашиме. Ќе пробаме да ја изненадиме и Словенија, но, сепак, нашите шанси ќе ги бараме против Финска, Турција и против Белорусија – ги прокоментира од Јапонија, ждрепката од Брисел и шансите на Македонија на ЕП, капитенот Никола Ѓоргиев.
За Македонија ова ќе биде дебитантски настап на ЕП.

– Немаме искуство од претходни настапи на ЕП, но, сепак, повеќе години сме заедно и имаме одиграно доста важни натпревари. Со добри подготовки, здрави, без повредени играчи, во најдобрата формација, мислам дека борбата за место меѓу 16-те најдобри во Европа е реалност. Позитивно е и тоа што сме во Љубљана, ќе бидеме поблиску до нашите Македонци, се надевам на голема поддршка и од македонската фаланга со чија помош полесно ќе стигнеме до посакуваниот резултат и до пишување нова историја за македонската одбојка – вели Н. Ѓоргиев.

Русија, која е актуелен европски првак и најтрофејната со 14 титули, секако е меѓу фаворитите за највисок пласман. Словенија на ЕП 2015 беше вицепрвак, а на ЕП 2017 играше во четврт-финалето, каде што беше елиминирана од Русија (0-3). Словенците дебитираа на СП 2018 што се одржа во Италија и во Бугарија, успеаја да ја поминат првата фаза и на крајот беа 12-ти меѓу 24 репрезентации. Финска нема некои позабележителни резултати, освен четвртото место на ЕП 2007 и деветтото место на СП 2014, но редовно, 12 години во низа настапува во Светската лига.

Селектор на Турција, која на ЕП 2017 го освои 11-то место е Македонецот Јошко Миленкоски, поранешен долгогодишен селектор и на Македонија, успешен тренер на Работнички, потоа и на Мили Пјанго од Анкара, кога за оваа екипа настапуваа Никола Ѓоргиев, потоа и Ѓорги Ѓоргиев, а тој до неодамна беше и тренер на Зират банка од Анкара. Турција е еден од ривалите против кои Македонија ќе ја бара шансата за победа.

Белорусија во квалификациите за ЕП беше убедливо прва (пет победи и еден пораз) во групата со Шпанија, Норвешка и со Грузија. Лани во јуни, на фајналфорот во Скопје во т.н. сребрена Европска лига, Македонија и Белорусија не се сретнаа во „планираното“ финале. Македонија загуби во полуфиналниот дуел од Хрватска (2-3), а Белорусија ја совлада Летонија, но во финалето беше поразена од Хрватска (1-3), која, пак, не се пласира на ЕП 2019. 


Матијашевиќ: Добра група, ждрепката нѐ посака

Во добра група сме, ждрепката нѐ посака, да не се лажеме. Русија како актуелен првак и Словенија како домаќин се апсолутни фаворити за натамошен пласман, а шансата на Македонија се мечевите со Белорусија, па и против Турција и Финска, кои ќе бидат фаворити во дуелите против нас. Македонија е дебитант на ЕП, нема што да загуби таму, а јас мислам дека би било многу добро и битно да добиеме еден меч, потоа ако ни се укаже шанса и втор, можеби и трет, зошто да не, ни изјави во телефонското јавување од Париз, селекторот на Македонија и тренер на францускиот прволигаш Рен, Никола Матијашевиќ. Л.Д.