Новиот првак треба да се бара меѓу првите 20 шахисти, а како еден од најсериозните кандидати би го издвоил Хрватот Шариќ, смета првиот фаворит за златниот медал, рускиот ВМ Владислав Артемиев
За Скопје го врзуваат убави спомени. На традиционалниот шаховски турнир „Опен Карпош 2017“ го освои петтото место со 7 поени, додека следната година на Европското првенство (ЕП) во брз шах се закити со златен медал. Годинава повторно е во Скопје како прв фаворит и шахист со највисок рејтинг (2.736 поени), на јубилејното 20-то Европско поединечно првенство (ЕП), кое се игра во хотелот „Хилтон“, во 11 натпреварувачки кола.
– Подготвен сум да го дадам максимумот иако нема да биде лесно во оваа конкуренција. За Скопје ме врзуваат убави спомени и преку турнирот „Опен Карпош“, како и ланското ЕП во забрзан шах, каде што го освоив првото место. Се надевам дека ќе играм добро и годинава – оптимист е Артемиев, кој моментно е 21. меѓу активните шахисти во светот, а 15-ти во Европа.
На ЕП во Скопје се пријавени вкупно 361 шахист (143 ВМ, 3 ЖВМ, 83 ИМ, 6 ЖИМ, 58 ФМ, 10 ЖФМ, 3 КМ) од 42 држави. Најмногу шахисти има од Русија (47), потоа од Македонија (24), Турција (23), Србија (21) итн.
– Подготвен сум за предизвикот. Конкуренцијата на ова ЕП е силна, новиот првак треба да се бара меѓу првите 20 шахисти, а како еден од кандидатите за првата позиција би го издвоил бранителот на европската титула од лани, ВМ од Хрватска Иван Шариќ. Што се однесува до поранешниот светски првак Руслан Пономарјов, сметам дека тој сепак не е во онаа форма во која беше кога стана светски шампион – истакна Артемиев, кој е ВМ од 2014 година.
На чинот на свеченото отворање во неделата, Артемиев ги извлече црните фигури, па така во вчерашното 1 коло тој играше со ИМ од Норвешка, Бенјамин Халдерсон (2.448, рангиран 179-ти).
– За мене не е толку битно што ги извлеков црните фигури во почетното коло, оти бојата на фигурите не игра некоја особено голема улога. Важно е како ќе се одвива партијата – додава 21-годишниот Русин.
ЕП во неделата, во хотелот „Хилтон“, за отворено го прогласи директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски.
Во Скопје се чувствувам одлично
Во Скопје се чувствувам одлично, како пред две години така и годинава. Откако пристигнав имав можност малку да прошетам по неговите улици и моите впечатоци се многу убави. Исто така и хотелот во кој се игра ова ЕП е со извонредни услови – не го криеше своето задоволство Артемиев, кој моментно е шести играч по рејтинг во Русија.
Топ шест на ЕП со рејтинг над 2.700 поени
Владислав Артемиев (2.736)
Евгениј Томашевски (2.705)
Данил Дубов (2.703)
Владислав Ковалев (2.703)
Иван Шариќ (2.703)
Рауф Мамедов (2.701)