Фото: Пиксабеј

Податоците синтетизирани со вештачката интелигенција покажуваат дека лекот за еректилна дисфункција вијагра може да се пренамени и за други потреби. Студијата на клиниката „Кливленд“, најреномираната медицинска установа во светот, која со години успешно ја води Томислав Михаљевиќ од Загреб, откри дека силденафилот, кој го има во вијаграта, може да биде ефикасен третман за Алцхајмеровата болест. Оваа студија се базира на докази од компјутерско моделирање, анализа на податоци за штети од осигурување и клеточни набљудувања во мозокот на пациентите со Алцхајмерова болест. Силденафил е главната компонента на лековите за третман на еректилна дисфункција (вијагра) и пулмонална артериска хипертензија.
Објавена во Журналот за Алцхајмерова болест, студијата се надоврзува на претходните наоди од 2021 година на истражувачите што користеле компјутерски модели за првично да го идентификуваат силденафилот како кандидат за лек за да помогне во спречувањето и лекувањето на Алцхајмеровата болест. Тие сега анализираа милиони барања за осигурување од две независни бази на податоци на пациенти, откривајќи 30-54 отсто намалена инциденца на дијагнози на Алцхајмерова болест кај пациентите што земаат силденафил.
Се покажа дека силденафилот го намалува нивото на невротоксичниот протеин, чија акумулација е поврзана со Алцхајмеровата болест. Беше откриено дека невроните третирани со силденафил исто така изразуваат гени поврзани со растот на клетките, подобрена функција на мозокот, намалено воспаление и други процеси познати за заштита од нервна дегенерација.