Фото: Пиксабеј

Животни

Сите знаеме колку се паметни кучињата. Тие можат да бидат обучени да откриваат дрога, експлозиви и рак кај луѓе, покрај тоа што им помагаат на луѓето со различни физички и емоционални предизвици. Други животни што се познати по својата интелигенција се свињите и октоподите. Издвојуваме уште пет животни што се сметаат за најинтелигентни во светот, според списанието „Дискавер“
Шимпанза: Шимпанзата имаат речиси 99 проценти од нашата ДНК и се наши најблиски живи „роднини“. Имаме ист број прсти и ист нервен систем, мускули и коски. Иако имаме поголеми мозоци, мозоците на шимпанзата и луѓето се слични по структурата и функцијата. Шимпанзата можат да размислуваат апстрактно и рационално, а можат да користат и алатки.
Гаврани: Нивниот мозок можеби е мал, но тие се моќни. Мозокот на гавранот има многу цврсто набиени неврони што функционираат ефикасно. Додека евалуацијата и обработката на проблемите обично се одвиваат во церебралниот кортекс, тоа е малку поинаку кај гавраните. Тие немаат церебрален кортекс, па нивното размислување се одвива во палиумот, дебел слој од сива материја што ја покрива горната површина на големиот мозок.
Делфини: Односот на големината на мозокот и телото кај делфините е најголем по оној кај човекот. Нивниот природен сонар им овозможува да користат ехолокација за да комуницираат едни со други преку звуци, а друга функција на ехолокацијата е способноста за навигација и лов. Поради нивната неверојатна способност да лоцираат под вода, американската морнарица ги користела за пребарување мини и прикачување експлозиви или уреди за слушање на непријателските бродови.
Слонови: Употребата на алатки е показател за животинската интелигенција, а слоновите се софистицирани корисници на алатки. Нивната употреба на гранки за различни намени е импресивна. Тие вклучуваат гребење на грбот, нивно користење како оружје кога им се заканува нешто и уништување инсекти.
Стаорци: Стаорците се способни да донесуваат одлуки врз основа на информации и знаење за одредена ситуација. Тие се свесни и за нивните ментални процеси – напреден концепт познат како метакогниција. Истражувачите покажаа дека стаорците често одбиваат да направат тест доколку не го знаат одговорот.