Животни
Кучињата имаат пократок животен век од луѓето, но постојат начини како да се продолжи нивниот живот и да се осигури дека поминуваат квалитетни години.
Ветеринарите Азиза Глас и Герардо Перез-Камарго од компанијата „Фрешпет“ ја нагласуваат важноста на љубовта, грижата и висококвалитетната храна за здравјето на постарите кучиња и како тоа може да им го продолжи животот.
– Редовните ветеринарни прегледи, урамнотежената исхрана, чистењето на забите и одржувањето здрава телесна тежина се клучни фактори – нагласуваат тие дополнително за „Њузвик“.
Тие додаваат дека е важно на кучињата да им се обезбедат ментална стимулација и љубов за да им биде животот исполнет и среќен.
Редовни ветеринарни прегледи: Редовните ветеринарни прегледи се клучни за рано откривање болест и навремено лекување. Тие вклучуваат годишни прегледи за возрасни кучиња и кученца и полугодишни прегледи за постари кучиња.
Урамнотежена исхрана: Хранењето на вашето куче со квалитетна и свежа храна помага да се зачува здравјето и да се спречат болести. Свежата храна може да му го отвори апетитот и да му обезбеди важни хранливи материи.
Чистење на забите: Редовното чистење на забите и одржувањето на оралното здравје е важно за спречување на пародонталните заболувања и зачувување на општото здравје на кучето.
Одржување здрава телесна тежина: Дебелината може да има сериозни здравствени последици за кучињата, вклучувајќи и развој на дијабетес и други болести. Следењето на тежината и редовното вежбање се важни за одржување идеална телесна тежина.
Со примена на овие совети, сопствениците на кучиња можат да му помогнат на својот миленик да живее подолго и поздраво.